Првиот снег годинава, кој паѓа од раните утрински часови, предизвика сообраќаен хаос во Скопје. Голем дел од булеварите и улиците во главниот град утрово беа неисчистени, со слој снег и мраз, а граѓаните се жалат дека снегот го отежнува движењето.

Фотографии и видеа од замрзнати тротоари и возила заглавени во сообраќај се споделуваат на социјалните мрежи.

Од Град Скопје информираат дека екипите за зимско одржување се ангажирани од раните утрински часови и дека интензивно се работи на расчистување на снегот на булеварите и улиците што се под надлежност на градот. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека кризниот штаб е активиран 24 часа и дека состојбата постојано се следи, со цел навремено реагирање на критичните точки.

„Снегот не е изненадување во зима – подготвеноста е наша обврска! Со цел навремена и ефикасна реакција, кризниот штаб е активиран 24 часа дневно, со континуирано следење и детектирање на сите клучни и критични точки. Безбедноста на граѓаните е наш приоритет“, објави Ѓорѓиевски.

Тој упати апел до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ги почитуваат сообраќајните правила и да ја приспособат брзината на зимските услови, нагласувајќи дека безбедноста на граѓаните е приоритет.