Засилени дезинформации против Камала Хaрис пред претседателските избори во САД

Она што на интернет циркулира за политичарката и правничката Харис, често пати има врска со нејзиниот пол, нејзината боја на кожата и нејзините корени од Индија и Јамајка, пишува Вистиномер

2CC4AD1 Washington DC, United States, democratic party vice presidential nominee Kamala Harris in election campaign in Washington DC

Дезинформациите што ја таргетираат Харис се карактеристични не само поради тоа што се работи за невистини, туку и за тоа што се родово специфични, зачинети со стереотипи и предрасуди, кои ја напаѓаат способноста на една жена да се најде на моќна позиција. Она што на интернет циркулира за политичарката и правничката Харис, често пати има врска со нејзиниот пол, нејзината боја на кожата и нејзините корени од Индија и Јамајка, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално:

 

 

Камала Харис, кандидатка за претседател на САД, наводно во 2011 година учествувала во сообраќајна несреќа во која повредила тринаесетгодишно девојче и избегала од местото, а девојчето по несреќата останало парализирано. Ваква лажна вест се прошири како резултат на организирана руска пропаганда во пресрет на изборите во САД, со цел да се влијае на изборниот резултат и да се наострат сечилата на јавниот суд против кандидатката од Демократската партија од што би инкасирал републиканскиот кандидат Доналд Трамп. Истражувачите на Мајкрософт открија дека лажната приказна оти Камала Харис наводно била дел од ваква сообраќајка во Сан Франциско во 2011 година, е организирана и за неа се одлеани пари од руската пропагандна машинерија за манипулација со јавното мислење.

Пропагандистите што стојат зад ова, платиле актерка за да ја глуми наводната жртва, креирале видео со нејзините лажни тврдења, а потоа ја рашириле дезинформацијата преку лажен сајт од непостоечки медиум од Сан Франциско со измислено име KBSF-TV. Руската група што стои зад ова е наречена Бура 1516 (Storm 1516)  и е фарма на тролови на Кремљ, пишува Ројтерс.

Бура 1516 (Storm 1516) е позната по произведувањето наведувачки видеа со кадри од платени актери или пак гласовни актери, кои имитираат свиркачи или новинари и шират лажни, скандалозни информации, велат експертите за Ројтерс.

Оваа дезинформација не стигна на македонското говорно подрачје, меѓутоа во Северна Македонија и на Балканот се шират други дезинформациски наративи за оваа претседателска кампања: од тоа дека Камала Харис нема право да биде претседателски кандидат зашто нејзините мајка и татко биле од Индија и од Бахамите, до тоа дека таа наводно учествувала на контроверзните забави полни злоупотреби за кои моментално се товари раперот Шон Комбс, кој во притвор го чека судењето. На сите тие приказни за кандидатката Харис, надоврзани се и стари и повторувани теории на заговор кои беа актуелни во ковид пандемијата – дека таа наводно не се вакцинирала, туку дека станува збор за лажно вакцинирање, што, исто така, не е вистина.

Несомнено е дека за кандидатката за претседателка на Демократската партија, дезинформациите на Балканот се засилија непосредно откако од трката излезе актуелниот претседател, Џо Бајден. Тогаш Харис стана непосредна мета на дисквалификации со невистини и полувистини. Откако заврши дебатата меѓу неа и нејзиниот противкандидат Доналд Трамп, се појавија дезинформации дека таа е заговорник на агенда со која ќе се скрати правото на луѓето да јадат црвено месо, а наместо тоа да јадат црви, инсекти и мачки. Често ваквите непоткрепени и неаргументирани приказни се промовираат во серијата дисквалификации за таканаречената глобалистичка агенда, но има и еден елемент кој не може, а да не се забележи – кандидатката за претседател на САД Харис, е напаѓана по основа на нејзиното семејно потекло, по основа на идеологијата што ја застапува, но и по основа на тоа дека е жена.

Таков е случајот и во С. Македонија, како и во регионот. Во Хрватска, на пример, се забележува дека се преселија дезинформациите пренесени од САД за тоа дека наводно Харис не може да биде нова претседателска кандидатка зашто таа и нејзините родители не се Американци. Ова не е вистина. Камала Харис, инаку родена во Оукленд, Калифорнија има право да се кандидира за претседателка и има извршувано бројни јавни функции од почетокот на нејзината кариера во правниот и политичкиот систем на САД. Во Уставот на САД е предвидено дека само граѓанин роден во САД, на возраст од најмалку 35 години и кој живеел во САД најмалку 14 години може да стане претседател на државата. Херис ги исполнува тие услови, но повторно е мета на дезинформации. Во С. Македонија, исто така, претставници на партијата Родина, која е проруска и го поддржува Доналд Трамп, ширеа антагонистички говор за Херис на оваа основа, зачинувајќи го нејзиното потекло со стереотипниот говор дека поради неа мигранти и криминалци навалиле во Америка преку границите. Во своите мемоари од 2019 година „Вистините во кои веруваме“, Харис го опиша своето растење со татко економист од Јамајка и мајка од Индија која го истражувала ракот. Нејзиниот татко Доналд Харис е професор емеритус на Универзитетот Стенфорд, кој бил активен во движењето за граѓански права

Во регионот, исто како и во С. Македонија, по заминувањето на Бајден од трката за претседател, беше покренат нов бран тврдења дека Херис е „индијска Американка” која се преправа дека е афро-американка. Мета на напади беше и референцата „разновидност, еднаквост и вклучување” на демократите. Тогаш кога идеологијата повеќе не беше предмет на критика и дезинформирање, на сцена настапуваа трикови коишто требаше да ја претстават кандидатката како некој што мами и не му е интелектуално дораснат на Трамп, дури ни да има претседателски дуел со него. Измислицата беше дека обетките на Харис содржеле аудиопредаватели, што е спротивно на правилата за претседателската дебата, според кои само тие што се на сцената (во студиото во случајов) имаат право да комуницираат меѓу себе. Секако, обетките на Харис не се никакви предаватели, туку се дел од познатата колекција на Тифани.

Синоќа се туркаше бизарен наратив во кој се тврдеше дека потпретседателката носела обетки со аудиоприемник. Можам слободно да констатирам дека очигледно тоа не е така. Ова се истите обетки на Тифани што ги носи со месеци, напиша Сузан Кели на нејзината страницаWhat Kamala Wore.

Во земјава се промовираа и објави на Фејсбук кои лажно претставуваа дека Харис наводно е против славењето на Божиќ и општо против христијанството, иако тие нејзини изјави биле давани во контекст на заштита на правата на имигрантите кои биле внесени во Америка како деца.

Таа сакала да каже дека Американците го празнуваат Божиќ, а притоа забораваат на неговата суштина – помагање на сиромашните, несреќните или сл. Во таа изјава, Харис меѓу другото рекла:

И додека ние си пееме весели песни и пееме „Среќен Божиќ“ и си пожелуваме еден на друг Среќен Божиќ, тие деца нема да имаат Среќен Божиќ. Како се осмелуваме да речеме „Среќен Божиќ? Како се осмелуваме? Тие нема да имаат Среќен Божиќ.

Сајтот Епоха од Хрватска, кој свои следбеници и обожаватели има и во С. Македонија, не пропушти да дезинформира и за идни активности на Камала Харис, наведувајќи дека таа ќе ја декриминализира педофилијата ако победи. Во таа смисла се споделуваа и вештачки креирани фотографии со неа и озлогласениот Џефри Епстин кој беше осуден за кривични дела поврзани со сексуална злоупотреба. Тие фотографии не се реални, туку се производ на вештачка интелигенција. Но, тенденцијата таа да се претстави како либерална до степен на незаконитост и разврат е очигледна. Дури и снимка стара со години, каде таа е со нејзиното тогашно момче пред да стапи во брак, е злоупотребена за лажно да се тврди дека тој човек на видеото е Шон Комбс, кој чека судење за рекетирање и сексуална експлоатација.

Сите овие дезинформации за претседателската кандидатка на демократите според аналитичарите имаат заеднички тон и заедничка, неповолна насока.
Но, тие лаги не ја засегаат Камала Харис со сета сила само затоа што таа се кандидира на претседателските избори во Америка. Кога таа 59 (60) годишна жена би била бел маж, дезинформациите против неа би изгледале сосема поинаку. Она што на интернет циркулира за политичарката и правничката Хaрис, често пати има врска со нејзиниот пол, нејзината боја на кожата, нејзините корени од Индија и Јамајка, пишува Дојче Веле во своја анализа.
Дезинформациите што ја таргетираат Харис се карактеристични не само поради тоа што се работи за невистини, туку и за тоа што се родово специфични, зачинети со стереотипи и предрасуди, кои ја напаѓаат способноста на една жена да се најде на моќна позиција.
Пишува: Мирослава Симоновска