Заштитата на Осоговските планини ќе обезбеди развој на руралниот туризам

Фото: Дарко Николовски / CC BY-SA

Со заштитата на дел од Осоговските планини ќе се обезбеди развој на руралниот туризам, посетителите ќе можат да ги доживеат нашите традиции и да уживаат во културните вредности на Осоговијата. Ова е заклучокот од третата по ред јавна расправа по Нацрт-Одлуката за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитен предел, која се одржа во Пробиштип.

Над педесетина заинтересирани жители, претставници на граѓанските организации и општинските институции се интересираа пред се за прашањата поврзани со работата на хидро-системот Злетовица, кој исто така има свои заштитни зони. Тие, согласно со Законот за води, ќе продолжат да функционираат и во иднина, со оглед на фактот дека не се во конфликт ниту со Студијата за валоризација, ниту со Предлог одлуката за заштита на Осогово.

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов е задоволен што во процесот на прогласување на Осогово за заштитено подрачје е земен предвид фактот дека Пробиштип е, пред се, рударска општина.

„Добро е што забелешките на Општината, особено во делот поврзан со хидро-системот Злетовица се разгледани и усогласени во правец да се заштити животната средина, а во исто време да се обезбеди непречен развој на општината“, посочи Анастасов.

Според Ана Петровска, Државен секретар во Министерството за животна средина, прогласувањето на дел од Осоговските планини за заштитен предел е чекор во вистинска насока.

„Ќе биде неопходно на интегриран начин да се управува со подрачјето за да можеме сите да ги уживаме благодетите од заштитената природа, да уживаме во живописната природа преку рурален туризам, рекреативни и спортски активности, да ги откриеме и да му ги покажеме на светот руралните населби и сочуваните традиции, да ги валоризираме културните вредности, кои не дефинираат кои сме, од каде потекнуваме и ни даваат насока каде да одиме“, нагласи Петровска.

Нацрт-Одлуката за заштита на дел од Осоговијата, по трите јавни расправи во Кочани, Македонска Каменица и Пробиштип, останува да биде презентирана уште пред жителите на Крива Паланка. Студијата за валоризација за предлог-подрачјето за заштита „Осоговски Планини“ во категоријата Заштитен предел ја изработи Македонското еколошко друштво (МЕД), а носител на иницијативата е Министерството за животна средина. Конечната Одлуката за заштита треба да ја донесе Владата.