fbpx

Заштитата на личните податоци – одново во фокусот

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска, Јорданова, Институт за европска политика

-

Го одбележавме и 28 јануари – Европскиот ден за заштита на личните податоци. Веројатно немаше да биде толку забележан во нашата јавност, ако не коинцидираше со скандалот на тешко нарушување на приватноста – скандалот „Јавна соба“.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Во 1981 година на овој ден Советот на Европа ја отвори за потпис Конвенцијата 108 за заштита на личните податоци. Сега е во тек потпишувањето и ратификацијата на т.н. „Модернизирана конвенција 108“ која настојува да ги зајакне правата на поединецот во контролата на личните податоци и воопшто да одговори на поновите предизвици во оваа област. Во меѓувреме, ЕУ ја реформираше својата рамка за заштита на личните податоци со новите регулативи – Општата регулатива и онаа за заштитата на податоците од страна на органите во кривично-правната област. Европската унија глобално предничи со високите стандарди на ова поле, а тоа е и една од точките на посериозни разлики со САД. Регулативата е сложена и бара не само висок капацитет на независните тела за надзор, туку и на деловните субјекти, како и високо ниво на свест на граѓаните.

Регулативата важи не само за претпријатијата основани во ЕУ, туку и сите оние кои не се основани во ЕУ, но нудат производи и услуги на пазарот на ЕУ или следат однесување на поединци во ЕУ. Оттаму, бизнисите кои се ориентирани кон пазарот на ЕУ, без разлика дали се обврзани на тоа со домашното законодавство, мораат да го почитуваат европското. Така, почитувањето на правилата за заштитата на личните податоци e поттикнато и од самата логика на бизнисот, имајќи предвид дека огромен процент од македонскиот извоз е во ЕУ (дури 86 отсто во 2019 година). Меѓутоа, тоа не значи дека деловниот сектор „автоматски“ ќе ги почитува високите стандарди, или дека „автоматски“ ќе се обезбеди усогласеност на македонско тло.

Можеби најголемиот, а секако – највидливиот предизвик во заштитата на личните податоци се ризиците на социјалните мрежи на Интернет. Се чини како мртва трка борбата меѓу новата регулатива, новите технологии и нивната (зло)употреба. Најеклатантен е примерот со Кембриџ Аналитика и незаконитото користење на податоци од Фејсбук на милиони граѓани во Велика Британија и во САД за политички цели (Брегзит, избори). Казнети се, компанијата е затворена (иако не и со неа поврзани компании), но последиците останаа.

Кога зборуваме за нашата регулатива и за институционалната поставеност, Северна Македонија споредбено во регионот воопшто не стои лошо. Дури, според едно истражување што Институтот за европска политика го спроведе во 2019 и 2020 година за Human Right Defenders за независните тела за човекови права во регионот, базирано на воспоставени индикатори, нашата Агенција за заштита на личните податоци котираше највисоко меѓу сродните тела. И тоа – не само според нормативниот статус, според индикаторите за функционирањето, туку и според индикаторите за информирање и соработка, кои ги вклучуваат активностите за јакнење на капацитетите и свеста на јавноста. Меѓутоа, да не заборавиме дека ниту нормативата ниту Агенцијата (тогаш Дирекцијата), покрај многу други надлежни органи во нашата држава, не успеаја да го превенираат незаконското прислушкување. Значи, потребни се похрабри исчекори, особено кога се работи за поголеми ризици за заштитата на личните податоци.

„Јавна соба“ – најновиот случај на нарушување на приватноста и грубо кршење на личните податоци, повторно ја сензибилизира нашата јавност за овие проблеми. Првичната реакција на надлежните органи на прогонот се чини доволно остра, но останува проблемот на превенција. Нашето паметење е обично кусо, па штом скандалот ќе се стиши, малку преземаме до новиот скандал. А најмалку што можеме да сториме, како граѓани, како поединци, е да посветиме само мал процент од времето минато на социјалните мрежи и да се едуцираме. Има доволно извори за тоа на Интернет (вклучувајќи и од Агенцијата за заштита на лините податоци), па да преземеме сѐ што можеме за да се заштитиме од злоупотреба на нашите лични податоци – и тоа не само преку социјалните мрежи. Секако дека тоа нема да го реши целиот проблем, но може да биде поттик дека за менување на многу работи што сакаме да се сменат, и самите можеме да придонесеме.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Почина Велибор Џаровски – Џаро

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија. Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза...