Заштитата на биодиверзитетот и намалувањето на аерозагадувањето треба да станат национален приоритет

Национален парк Маврово | Фото: Adriaan Castermans, CC BY-SA 3.0, на Викимедија комонс

На темата одредување приоритети за спроведување на зелената агенда за секторите биодиверзитет и намалување на загадувањето на воздух, вода и почви, денеска во рамките на Националната конференија за клима дискутираа претставници на повеќе граѓански организации. Целта на денешната работилница беше на интерактивнен начин да се спроведе консултација меѓу организациите за ставовите и приоритетните активности за заштитата на биолошката разновидност и намалувањето на загадувањето на воздухот. Тоа се двата, од петте солба на Зелената агенда за Западен Балкан, на чие спроведување државава се обврза со потпишувањето на Софиската декларација.

Како приоритети во загадувањето на воздухот беа посочени мониторингот на состојбите, инсталирањето на најдобрите достапни техники во индустријата, според Директивата за индустриски емисии и спроведувањето на Стратегии за подобрување на квалитетот на воздухот.

Плански документи за директна акција во однос на загадувањето на воздухот имаат само три општини, Скопје, Битола и Тетово, но тие се веќе и застарени, а од нив досега се имплементирани едвај 10 проценти. Како директна последица на тоа е немањето на сеопфатна стратегија на локално ниво.

Во однос на водите, како главни приоритети се посочија инвестициите во пречистителни станици, за земјоделството и за урбаните отпадни води, но и мониторингот на водите што, пак, бара соодветна инфраструктура.

„Земјоделството е еден од најголемите загадувачи на водата. Ние си правиме сами себеси штета, затоа што преку понирање на водата во подолните слоеви на почвата, таа повторно ни се враќа преку храната“, посочи Петра Поп Ристова од „Милиеуконтакт Македонија“, која додаде дека мора да се инвестира во смарт-земјоделство.

Во однос на почвите, еден од првите приоритети е донесување на закон за почви, кој би ја уредил реставрацијата на почвите, а исто така, приоритет е и одржливото производство на храна.

Според Ана Чоловиќ-Лешоска од „Еко-свест“, постојат конфликти меѓу заштитата на биодиверзитетот и постигнувањето на повисоко учество на обновливи извори за производство на енергија.

„Треба да се прави длабок скрининг и енергетско просторно планирање“, посочи таа.

Независниот експерт Сашо Петровски, претставник на РЕФОРД (Регионалниот центар за шумарство и рурален развој) зборуваше за предизвиците во одржливото управување со шумите. Според него, потребен е редовен мониторинг на состојбата на шумските еко-системи, зајакнување на соработката меѓу истражувачките институции, зајакнување на мерките за заштита на шумите, од абиотски и биотски фактори, и постојана работа на зајакнувањето на свеста кај луѓето за одговорност кон шумските екосистеми, а пред сѐ, во заштита од пожари.

Националната конференција за клима ја организираат „Еко-свест“, CNVP и Движењето на еколозите на Македонија.