Во земјава засега нема регистрирано ниту еден случај на лице заразено со корона вирусот, а државните власти прават напори за максимална контрола на лицата кои патувале во Кина и пристигнуваат на скопскиот аеродром. Министерот за здравство, Венко Филипче, денес го посети медицинскиот тим на Меѓународниот аеродром Скопје, кој со употреба на термална камера успешно ја спроведува постапката за идентификација на евентуални заболени од корона-вирусот меѓу патниците кои пристигнуваат со летовите од Дубаи или Истанбул.
Министерот Филипче информираше дека досега не бил идентификуван ниту еден ризичен случај меѓу патниците што пристигнуваат на скопскиот аеродром. Министерството за здравство, во соработка со Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје, направи распоред на епидемиолози кои постојано се присутни на аеродромот и будно ја следат состојбата.
– Веќе четврти ден како се прави овој скрининг. Имаме секојдневна комуникација со Управата за цивилно воздухопловство којашто има директен линк со авиокомпаниите и ни укажуваат однапред дали на овие летови може да очекуваме патници од Кина. Засега, со овој лет патници од Кина кој стигнува од Дубаи не се дојдени. Точно се знае што ќе се прави со секој сомнителен патник кој ќе стигне на аеродромот – изјави министерот Филипче.
Здравствените власти имаат посебна процедура за оние пациенти кои имаат одредени симптоми, при што со јасно одреден алгоритам со нив се постапува со изолација и мониторирање. Патниците кои доаѓаат од Кина и немаат никакви симптоми се упатуваат на домашен мониторинг во период од 2 недели колку што трае инкубацијата.
Од Министерството за здравство ги потсетуваат граѓаните дека треба да ги почитуваат мерките за превенција, меѓу кои се и препораките да не се консумира храна од болни животни, да се воведе дополнителна заштита при подготовката на храна, да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари, да се избегнува контакт со болни од настинки и незаштитен контакт со домашни или диви животни и задолжително и често да се мијат рацете.
Заклучно со 30 јануари, бројот на лица што починале од корона-вирусот во Кина се искачи на 170, додека кај 7.711 лица е потврдено дека се заразени. Вирусот се шири и во други земји во светот, а неговото искуство досега е потврдено во Јапонија, Непал, Сингапур, Јужна Кореја, Тајван, Тајланд, САД и Виетнам.