Последните информации на страницата на Регистарот за испуштање и пренесување на загадувачки материи, кој ја содржеше мапата на загадувачи од индустриските капацитети, се од 2019 година. Веб страницата https://ripz.moepp.gov.mk/, преку која јавноста требаше да добие пристап до информациите во врска со загадувачките материи и заштитата од загадувањето на животната средина од индустријата се застарени повеќе од пет години, а во моментов не можат да се отворат и да се видат ниту податоците кои биле актуелни од 2016 до 2019 година. Застарените податоци на Регистарот на загадувачи беа регистрирани и во Извештајот во сенка за Поглавјето 27, со кој граѓанскиот сектор ја анализира состојбата со усогласувањето и спроведувањето на законодавството за животна средина со европското.
Причината за нефункционалниот регистар, според Министерството за животна средина, институција која е надлежна за неговото воспоставување и одржување, е расипаниот сервер. За да се надмине оваа состојба, од министерството велат дека работат регистарот да стане дел од Националниот информативен систем за животна средина, кој е пред финализирање, но не прецизираат зошто се дозволило јавноста да остане без увид во податоците толку долг период.
„Причината за недостигот на понови информации на веб-страницата на Регистарот на испуштање и пренос на загадувачи е технички проблем, бидејќи серверот на кој се наоѓаше страницата престана да функционира, што доведе до ограничен пристап до податоците. Како резултат на ова, повеќето од страниците и функционалностите на веб-страницата, вклучително и мапата на загадувачите и извештаите од претходни години, моментално не се достапни за преглед. Министерството работи на обновување на овие функции и на враќање на пристапот до податоците преку воспоставување на Национален информативен систем за животна средина, чиј составен дел е и регистарот. Во моментов, системот е во фаза на завршни корекции, по што се очекува да биде целосно функционален“, посочуваат од Министерството.
Регистарот на испуштање и пренос на загадувачки материи беше пуштен во употреба во ноември 2016 година со цел да биде сеопфатна база на податоци за емисиите на над 90 загадувачки материи во воздухот, водите и почвата, како и за како и трансферот на загадувачите надвор од локацијата каде се создадени. Станува збор за тешки метали, пестициди, неоргански и органски материи, стакленички гасови и хлорирани органски материи кои се испуштаат од индустриски капацитети од повеќе сектори како енергетика, металска и рударска индустрија, хемиска индустрија, управување со отпад и отпадни води, производство и преработка на хартија и дрво, интензивно производство на добиток и риби и животински и градинарски производи од секторот за храна и пијалаци. Страницата требаше да содржи и податоци каде и во кои количини се испуштени штетните хемикалии, како и кој и кога ги испуштил.
Обезбедувањето на јавно достапни и ажурирани податоци е обврска на земјава, која е потписничка на Архуската конвенција. Регистарот беше најавен како алатка која од една страна ќе го идентификува загадувањето, а од друга страна ќе даде и насоки како и каде да се дејствува за намалување на испуштањето и пренесувањето на загадувачките материи и поголема заштита на животната средина.