Дезинсекцијата не доцни и се реализира согласно временските услови и во координација со Центарот за јавно здравје, велат од Градот Скопје и посочуваат дека првото авионско прскање било против ларви, а не против возрасни комарци.
Оттаму информираат дека според Програмата усвоена од Советот на Градот, предвидени се по пет авионски прскања против ларви и против возрасни комарци, како и по пет терестични прскања исто така против ларви и возрасни комарци. Тендерот за авионското прскање е завршен, тој за терестична дезинсекција е во тек, а прскањата треба да се реализираат до септември.
„За авионското прскање против ларви од комарци се користи средството Биопрен 50 ЛМЛ, додека за прскањето против возрасни комарци се користи средството Аква К Отрин. Во рамки на јавната набавка за авионска дезинсекција е предвидена единствена вредност која ги опфаќа и услугата за прскање и набавката на средствата, во вкупен износ од 36, 6 милиони денари“, велат од Градот Скопје.
Прскањето против комарци треба да почнува порано, да се прави почесто, а добро е и да се менува средството, препорачува епидемиологот д-р Александар Стојанов. Тој вели дека климатските промени и зголемените температури наложуваат уништувањето на комарците и ларвите за започнува порано, но и да се започне со терестрична, а не со авионска дезинсекција, особено во урбаните делови.
„Со климатските промени се помести и сезоната и надморската висина на прскање. Плановите каде и колку ќе се прска треба одвреме навреме да се ревидираат, а најважно е секоја година да се одвојувата доволно пари за оваа активност“, вели Стојанов.
Скопје има долгогодишен проблем со размножувањето на комарци, а од пред десетина години одомаќинети се и тигрестите комарци, кои во минатотото биле карактеристични за северните делови на Африка. Стојанов вели дека за болестите кои ги пренесуваат, како маларијата и западно-нилската треска, кај нас има соодветна терапија, но добро е граѓаните да користат и средства за заштита.
„Средствата кои се користат се еколошки и се раствораат во вода, која при авионските прскања може да испари и да нема ефект. Тие се подобри за делови кои се непристапни за возила, како Водно, кејот на Вардар или поголеми паркови, но во урбаните делови е нејдобро прскањето од земја“, вели Стојанов.
