Започнува Меѓународната младинска конференција „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа“ во Крушево

Оваа реномирана младинска конференција се одржува традиционално од 2003 година и е место на кое млади амбициозни луѓе од различни земји се собираат со цел да ги споделат своите идеи и вредности, и конкретни акции за имплементација на европските вредности во своите земји

фото: Меѓународна младинска конференција

Вечерва започнува Меѓународната младинска конференција насловена „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа“ во организација на Младинскиот Сојуз Крушево. Овој настан се одржува веќе 22 години и претставува платформа за вмрежување и поттикнување дијалог помеѓу носителите на одлуки, релевантните чинители и младите луѓе од регионот, овозможувајќи им динамична средина за креирање на иднината на регионот.

На конференцијата ќе присуствуваат повеќе од 100 активни млади лидери од 14 држави, кои посветено работата на позитивни промени и интеграција на своите држави во Европската Унија.

„Овој настан се случува во многу клучно време за младите луѓе од регионот, покривајќи ги најгорливите и актуелни теми кои директно ги засегаат, меѓу кои спаѓаат: актуелни политички движења и избори, радикализација, дигитална трансформација и иновации, вештачка интелигенција, регионална економска стабилност, претприемништво и вработување, регионално поврзување и инфраструктура, и многу други“, велат од Младинскиот Сојуз Крушево.

Својата експертиза, знаење и искуство со младите ќе ги споделат неколкумина реномирани експерти, професори, активисти и претприемачи, меѓу кои и Кевин Мааз, раководител на одделот за односи со јавност во Германската амбасада, Ана Чернишова, заменик-амбасадор на УНДП, Виолета Буц, поранешна Еврокомесарка за транспорт и поранешна заменик-премиерка на Словенија, Добрица Велесинович, пратеничка во Собранието на Република Србија, Сергеј Попов, пратеник во Собранието во Република Северна Македонија, проф. д-р Кристијан Луканов од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Бугарија и многу други.

Меѓународната конференција во Крушево започнува вечерва, а ќе трае до 30 септември.

Оваа реномирана младинска конференција се одржува традиционално од 2003 година и е место на кое млади амбициозни луѓе од различни земји се собираат со цел да ги споделат своите идеи и вредности, и конкретни акции за имплементација на европските вредности во своите земји.

Настанот е поддржан од Министерството за надворешни работи на Германија, а во рамките на проектот „Поддршка од ЕУ за градење доверба на Западен Балкан“, кој е финансиран од Европската унија (ЕУ), а го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).