Започна со работа најголемата фабрика за апсорпција на јаглерод диоксид во светот

фото: Твитер / @Climeworks

Најголемата фабрика во светот дизајнирана за вшмукување на јаглерод диоксид од воздухот и негово депонирање под земјата вчера започна со работа во Исланд, соопштија команиите кои стојат зад проектот.

Фабриката наречена „Орка“, според исландскиот збор „орка“ кој значи „енергија“, се состои од четири единици, од кои секоја е составена од два резервоара.

За да се апсорбира јаглерод диоксид, фабриката користи вентилатори за да го влече воздухот во својот колектор, кој во себе има филтер. Откако материјалот за филтрирање ќе се наполни со јаглерод диоксид, колекторот се затвора и температурата се зголемува за да се ослободи CO2 од материјалот, по што високо концентрираниот гас може да се собере. Јаглеродниот диоксид потоа се меша со вода, па се депонира на длабочина од еден километар под земјата каде што се минерализира и полека се претвора во карпа.

Кога ќе работи со полн капацитет, фабриката ќе извлекува и до 4.000 тони јаглерод диоксид од воздухот секоја година, тврдат компаниите „Climeworks“ од Швајцарија и „Carbfix“ од Исланд, кои ја изградија фабриката. Според американската Агенција за заштита на животната средина, тоа е еднакво на емисијата на штетни гасови која ја предизвикуваат околу 870 автомобили.

„Нашите климатски цели нема да бидат достигнати без големо отстранување на CO2 од атмосферата. Ова означува важна пресвртница во борбата против климатската криза“, напишаа од „Carbfix“.

„Блумберг“ објави дека изградбата на „Орка“ чинела помеѓу 10 и 15 милиони долари.

Ваквите технологии можат да станат главна алатка во борбата против климатските промени, сметаат дел од научниците. Критичарите, пак, велат дека технологијата е премногу скапа и може да бидат потребни децении пред да почне да функционира целосно и ефикасно.