Започна програмата за кариерно советување на проектот „МладиХаб“

Фото: Национален младински совет на Македонија (НМСМ)

Вчера започнаа групните сесии со првата група на учесници кои се дел од програмата за кариерно советување во рамки на проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување за младите“.

Како што информираат спроведувачите на проектот, програмата е наменета за млади лица со завршено средно образование и има за цел да им помогне да станат поконкурентни на пазарот на трудот преку групна и индивидуална работа со експерти во своите полиња.

Во склоп на групните и индивидуалните сесии, учесниците во програмата имаат можност да направат детална самопроценка, да постават реалистични кариерни цели и да изработат индивидуален план за вработување со помош и поддршка од искусни ментори од „CEED Hub“ Скопје.

„Личниот и професионалниот разој на младите е од клучна важност за развивање на едно напредно општество кое успешно ќе се справи со предизвиците на иднината. Токму затоа, сметаме дека оваа програма ќе им овозможи на младите да размислуваат надвор од конвенционалните рамки и подетално да ги истражат новите професии и можности на пазарот на трудот“, велат од „CEED Hub“.

Проектот „МладиХаб“ го спроведува Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) во соработка со „CEED Hub“, благодарение на финансиската поддршка од Британската амбасада во Скопје.

Од НМСМ велат дека целта на проектот е да се создадат подобри можности за вработување, кариерен развој и вмрежување на младите преку платена практична работа и програми за менторство, при што е предвидено и работење на реални проекти во професионални средини.

„Преку програмата за кариерно советување, како и останатите проектни активности, остануваме посветени на нашата цел да создадеме подобри услови за професионален и личен развој на младите, како и нивна полесна транзиција од образовниот процес кон пазарот на трудот“, велат од НМСМ.

Инаку, пријавувањето за учество во останатите групи кои ќе бидат дел од програмата за кариерно советување е сè уште во тек. Заинтересираните млади лица можат да се информираат подетално околу програмата и да ја пополнат својата пријава на веб-страницата на „МладиХаб“.