Започна новата учебна година за 255.000 основци и средношколци

фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Од денеска учениците се враќаат во училишните клупи. Утринава, новата учебна година започна за над 255.000 ученици во основно и средно образование. Од нив, 18.000 се првоодделенци.

Први септември означува нови почетоци, почеток на нови подвизи и нови успеси, истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, кој на првиот училиштен ден го посети новоизграденото основно училиште „Гоце Делчев“ во општина Илинден.

Тој ги повика учениците вредно да учат и да ги искористат сите можности за надоградување на знаењата и вештините, затоа што тоа се единствените вредности кои никој не може да им ги одземе, а кои можат да ги однесат до посакуваните цели во животот. Шаќири кажа дека наставниците се тие кои ќе им ги отворат видиците на учениците, додека родителите, односно старателите ќе им бидат поддршка во градењето на перспективна иднина.

„Ние како министерство, заедно со другите надлежни институции од образованието, работевме да обезбедиме услови за успешно одвивање на воспитно-образовниот процес, вклучително обезбедување нови учебници и наставни програми, обука на наставниот кадар и зголемување на мотивираноста преку повисоки плати за 15% почнувајќи од овој месец, како и подобри услови за настава онаму каде беше најприоритетно да се инвестира“, истакна Шаќири.

Претседателот Стево Пендаровски на почетокот на новата учебна година го посети најстарото училиште во земјава – основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ во општина Центар, Скопје, каде присуствуваше на свечениот прием приреден за првачињата.

Пендаровски на новите ученици им посака успешна учебна година, изразувајќи уверување дека освен тоа што ќе стекнат нови знаења и искуства, училиштето ќе им овозможи да воспостават и изградат другарства кои ќе им бидат исклучително важни во иднина.

Претседателот упати честитки и до наставниот и стручен кадар во училиштето за нивната креативност и посветеност, како и за инклузивниот воспитно-образовен процес.

фото: Кабинет на Претседателот на Република Северна Македонија

Честитка за новата учебна година упати и премиерот Димитар Ковачевски, кој на учениците им порача дека образованието е една од најважните инвестиции во животот.

„Верувајте во себе, прашувајте, преиспитувајте, истражувајте и бидете креативни, бидејќи детството и младоста се периодот клучен за понатамошниот личен развој. Бидете другари и помагајте им на оние кои не можат да постигнат сѐ сами“, порача Ковачевски.

Инаку, новина во учебната 2022/2023 година е тоа што учениците во второ и во петто одделение ќе учат содржини кои ги налага новата Концепција за основно образование. Учениците од овие две одделенија, како и оние од прво и четврто, првите три месеци од оваа учебна година, поради доцнењето на учебниците, ќе учат од посебни материјали изготвени за новата наставна програма.

Најголем дел од учениците денеска ги добија и свидетелствата за минатата година, поради доцнењето на постапката за нивно печатење.