Започна меѓународниот турнир во Валорант „Мастерс Берлин“, ќе трае до 19 септември

Thumbnail фото на преносот во живо од официјалниот канал на Valorant Championship Tour.

Во Берлин, главниот град на Германија, вчера започна вториот интернационален турнир во компјутерската игра „Валорант“, „Мастерс Берлин“, кој е дел серијата натпревари „Valorant Champions Tour – VCT“. Турнирот што го организира фирмата „Рајот Гејмс“, издавачот на „Валорант“, ќе трае до 19 септември.

На турнирот настапуваат 15 тимови од целиот свет, кои претставуваат победници во борбите помеѓу 2.200 тимови од различни региони. Како мото на настанот се користи е латинската изрека „Ars longa, vita brevis“ – „Животот е краток, уметноста е вечна“.

Првобитно требаше да настапат 16 тимови, но филипинскиот тим „Брен Испортс“ отпадна бидејќи членовите не успеале да обезбедат визи.

Според финалниот распоред, во Берлин настапуваат 4 тима од регионот Европа, Среден Исток и Африка (EMEA), 3 тима од Северна Америка, 2 тима од Бразил и 1 еден од остатокот на Латинска Америка (LATAM), по два тима од Јaпонија и Кореа и еден преостанат тим од Југоисточна Азија (SEA).

Натпреварите од турнирот се одвиваат на сцена во живо, додека публиката може да ги следи само онлајн преку Јутјуб каналот „Valorant Champions Tour“ и преку Твич. Започнуваат секое попладне во 16 часот по берлинско време, освен последните два дена кога полуфиналето и финалето ќе започнат од 17 часот.

„Мастерс Берлин“ беше отвoрен со борбата помеѓу два европски тима: „Асенд“ и „Супер Масив Блејз“. Мечот заврши со победа од 2:0 на „Асенд“, кој го сочинуваат гејмери од Турција, Полска, Украина и Финска. Сите членови на „Супер Масив Блејз“ се од Турција.

Пред „Мастерс Берлин“ во мај на Исланд беше одржан турнирот „Мастер Рејкјавик“, а серијата ќе заврши со турнирот „Валорант Чемпионс“ закажан за почетокот на декември повторно во Берлин.

Победникот на „Мастерс Берлин“ ќе добие 250.000 долари и квалификација за „Чемпионс“. Второпласираниот тим добива 125 илјади долари, а третопласираниот 85 илјади, додека освојувачите на петтото до осмото место по 25 илјади долари. Останатите учесници ќе добијат по 10.000 долари по тим, но различен број поени за квалификација.

Според проценките обложувалниците пренесени од сајтот за вести за „Валорант“ vlr.gg еден од главните фаворити се „Сентинелс“ од САД кои имаат серија победи на претходните натпревари, а за разлика од другите тимови настапуваат без тренер.