Започна IGN Summer of gaming 2021, презентирани нови игри

Фото: Florian Olivo, Unsplash

Преку стрим во живо, на 11-ти јуни започна настанот IGN Лето на Игри 2021 (IGN Summer of gaming 2021) преку IGN Expo стримот, каде се презентираа светски премиери на повеќе нови игри, различни од оние кои ги рекламираат другите вакви настани.

*Снимката на YouTube од почетокот на настанот

Покрај големата популарност на пукачките игри FPS (First Person Shooter) како Counterstrike, Overwatch, и од неодамна Valorant, на IGN Еxpo беше презентирана играта Splitgate Arena Warfare која што ја инкорпорира механиката од комичната игра Portal со основни FPS елементи. Имено, играчите можат да отвараат портали преку ѕидови и препреки и да преминуваат напред или да пукаат низ дупките.

Интересна е механиката на оваа игра, но немаше спомнато дали ликовите имаат и други способности освен способноста за отварање портали. Повторно и во оваа игра се отклучуваат таканаречни “скинови” за оружја, кои го менуваат изгледот на постоечките оружја да изгледаат попрестижно.

Втората игра што беше презентирана е Streets of Rage 4 нова игра што премногу потсеќа на ултра популарната флиперска игра Final Fight. Нормално, со подобрена графика и повеќе ликови. Дури има и ист лик како ликот Cody од Final Fight, но е полошо направен од оригиналниот лик. Целата игра, иако нова, создава чувство на носталгија за флиперските такви игри кои сега можат да се играат преку програмата mame32.

Од игрите со летање вселенски бродови, најнова игра е Haunted Space, импресивно направена игра со вселенски летала, каде летањето на бродот повеќе потсетува на Star Conflict (бесплатна игра на Steam што ги користи механиките на нишање од една од најпознатите игри со авиони на Steam наречена War Thunder) одошто на ELITE Dangerous, каде контролите за летање и нишање се потешки за совладување.

ELITE, и додека беше игра за Commodore 64, имаше инкорпорирано вистински астрономски мапи и локации во играта како дестинации до кои може да се лета и во најновата верзија го има истиот фактор, иако се користи и фантазија за ресурси, тргување, испораки и битки.

Во Haunted Space можете да комбинирате различни делови за леталата, што потсеќа на играта за деца на Steam наречена Robocraft, каде се прават роботи од различни делови кои се борат меѓу себе. Но, сепак, Haunted Space е игра за возрасни поради хорор елементите, коишто се навидум гротескни, а графиката е импресивна.

Можеби најинтересната едукативна игра што беше презентирања е играта Unpacking, каде во играта се распоредуваат предмети од картонски кутии во повеќе соби од стан, што може да ги научи децата на добра навика да си ја средуваат собата.

За други и повеќе нови игри, следете ги следните стримови на IGN.com.