Фото: УСАИД

Денеска започна дводневниот регионален настан за вмрежување на организации за деловна поддршка, организиран како дел од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Овој настан ќе овозможи поврзување на повеќе од 100 претставници на бизнис организации од Западен Балкан и ЕУ, промовирајќи ја важноста за проширувањето на соработката и можноста за взаемно учење и меѓусебно споделување искуства.

Во своето обраќање, амбасадорот на САД во РСМ, Кејт Мари Брнз, во своето обраќање на настанот посочи дека преку работата со организациите за деловна поддршка се поддржуваат и нивните клиенти да ја постигнат заедничката цел за остварување економски раст – било да е тоа со раст на приходите, создавање работни места или со зголемен извоз.

„Регионалната економска соработка е клучна за зголемување на целокупната конкурентност на регионот на Западен Балкан. Со зајакнување на индивидуалните економии при градење на регионалните врски, ние поддржуваме силна соработка, споделување на ресурси и знаење и подобрувања на регионалната работна сила“ рече амбасадорката Мари Брнз.

Директорот на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, Дејан Јаневски ги повика организациите и понатаму да ги одржуваат веќе испробаните процеси и системи во секојдневното работење, бидејќи тие се еден од најважните фактори за постигнување на организациска одржливост.

На денешната панел дискусијата се разговараше за соработката со институциите, предизвиците, потребата за јавно-приватните партнерства и развојот на нови портфолија со иновативни услуги за компаниите, а присуствуваа амбасадорот на САД во РСМ, Кејт Мари Брнз, министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за образование, Мила Царовска, претставникот на центарот за иновативност во Црна Гора, Александар Јаничиќ, основачот на асоцијацијата МАМЕИ, Марта Наумовска Грнарова и претставничката на Стопанската комора од Милано, Иларија Бонети.

По панел дискусијата следеше и доделување на сертификати за успешност и презентации од организациите за деловна поддршка, кои во изминатите 3 години беа директно подржани како грантисти во Проектот.

Во текот на утрешниот ден, ќе се одржат индивидуални состаноци помеѓу организациите, за да се иницира директната размена на информации, да се дискутираат достапните ресурси и капацитети, и да се истражуваат можностите за продлабочување на соработката и идни партнерства преку заеднички проекти.

Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем е четиригодишен проект, кој работи на економскиот развој и поттикнување на конкурентноста на микро, малите и средни претпријатија (ММСП) во Северна Македонија, преку зајакнување на бизнис услугите, финансиите и пазарните врски кои се основен катализатор за зголемување на развојот, продуктивноста и вработливоста на ММСП.