Започна чистењето на дива депонија во Шуто Оризари, друга повторно се создава кај железничкиот мост во Лисиче

Извор на фотографија: ЈП Комунална хигиена-Скопје

ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на изминатиов викенд започна активности за отстранување голема дива депонија лоцирана во скопската општина Шуто Оризари, во непосредна близина на спортската сала, информираат од ова јавно претпријатие.

„Во координација со Градот Скопје и општината Шуто Оризари, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје викендов започнаа со отстранување на исклучително обемна дива депонија лоцирана во оваа скопска општина. Станува збор за дива депонија составена од мешан комунален, кабаст и градежен отпад што досега во повеќе наврати била расчистувана и континуирано повторно се создава“, изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Зухди Енуз.

Тој додаде дека со расчистување на дивата депонија во Шуто Оризари активностите на ЈП Комунална хигиена- Скопје ќе продолжат и во текот на оваа недела. До крајот на акцијата, тие очекуваат да бидат подигнати приближно 400 кубни метри несовесно одложен отпад.

„Апелирамe до граѓаните својот отпад да не го одлагаат на јавни површини и на тој начин заедно да ја заштитиме животната средина и јавното здравје“, изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Зухди Енуз.

Инаку, Мета.мк на почетокот на годинава направи репортажа од неколку локации во Скопје, на коишто затекнавме диви депонии коишто се неисчистени, а коишто беа ветени дека ќе се исчистат од скопската градоначалничка Данела Арсовска. Токму општина Шуто Оризари е една од критичните локации во главниот град, каде што се појавуваат диви депонии на неколку локации, како последица на неконтролираното фрлање ѓубре од несовесни граѓани.

И по 82 дена, Данела Арсовска не ги исчисти сите диви депонии низ Скопје [галерија]

Покрај чистењето на дивите депонии, огромен проблем за скопските градски власти е и одржувањето на исчистените локации подолго време во еколошки прифатлива состојба.

Конкретен пример за ова е информацијата од Градот Скопје кон крајот на јануари годинава дека ја исчистиле дивата депонија кај Железничкиот мост на Кејот на Вардар во Општина Гази Баба. За овој потег, јавно се пофали и скопската градоначалничка Данела Арсовска на својот фејсбук профил.

Мета.мк вчера беше на локацијата на Железничкиот мост меѓу Трубарево и Лисиче и на лице место забележавме дека неодговорни граѓани повторно на диво фрлаат ѓубре. Дел од расфрланото ѓубре се наоѓа на исчистените површини, додека преостанатиот отпад е фрлен околу локацијата што беше исчистена пред повеќе од два месеци.

Околу исчистената локација кај Железничкиот мост, се создаваат нови површини со нелегално фрлен отпад, а пристапните патишта кон мостот и понатаму се отворени за движење и пристап на најразновидни возила во било кое време, првенствено во правец од селото Лисиче.