
Во францускиот град Ангулем денес започнува 52-то издание на Меѓународниот фестивал на стрип кој ќе се одржува од 30 јануари до 2 февруари. Тоа е трет по големина фестивал за стрип во светот, по фестивалите во Лука, Италија и Токио, Јапонија.
Во официјалната конкуренција за награди на фестивалот се 84 стрип-албуми и други стрип-изданија објавени на француското говорно подрачје, при што 38 од нив се преводи на дела од јапонски, американски, италијански, турски и други автори.
Годинава Големата награда на фестивалот ја доби француската авторка Анук Рикар (1970), позната по сериите „Ана и Фрога“ и „Комесарот Туми“, како и низа графички новели. Нејзиниот стрип „Аниман“ беше добитник на специјалната награда на Фестивалот во Ангулем за 2022 година. Во 52-годишната историја на фестивалот таа е петта жена добитничка на наградата.
Покрај официјалната конкуренција во категории најдобар стрип-албум, најдобро дебитантско дело или „откритие“, награда за серијал, стрип за млади, алтернативен и еколошки стрип, фестивалот организира и конкурси за млади таленти и за училишта. Специјална награда доделува и францускиот јавен радиодифузен сервис.
Меѓу атракциите на фестивалот се отворањето со викиншки дракар и можноста за учество во авантура со виртуелна реалност со Таличниот Том и браќата Далтони.
На агендата на Фестивалот во Ангулем се повеќе конференции, предавања и панел-дискусии на кои ќе настапат стрип-автори, издавачи, дистрибутери на книги и библиотекари од целиот свет, во рамки на фестивалот ќе се одржат и три „концерти со цртање“, при што реномирани стрип-автори настапуваат заедно со музичари во живо преку интеракција со публиката.
Дневните билети за учество на фестивалот чинат меѓу 25 и 30 евра, додека учеството на сите четири денови чини 65 евра.
Претходните години на фестивалот се проценува дека доаѓале по околу 200.000 посетители, меѓу кои неколку илјади професионалци од светот на стрипот и издаваштвото, како и по неколку стотици новинари.
Ангулем е град со околу 41 илјада жители регионот Нова Аквитанија во западна Франција кој има прекар „Град на сликите“. Освен по стрип-фестивалот и многуте мурали по ѕидовите, во минатото бил познат и како центар на индустријата за хартија, а добитник е и на награди на националниот натпревар во квалитет на живот „Градови и села во цвет“.