Во заедничка операција вчера во Солун се запленети 161 килограми кокаин, соопшти македонското МВР.
Имено, во акцијата на Единицата за недозволена трговија со дрога, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при Одделот за криминалистичка полиција на македонското МВР, во потоа Службата за борба против дрога од Солун, Американската служба за борба против дрога – ДЕА и Центарот за спроведување на законот во Југоисточна Европа – СЕЛЕК, дрогата е запленета во солунското пристаниште.
Вчерашната акција е продолжение на успешната акција од 8 и 9 мај годинава, кога во Солун беа запленети 105 кг кокаин и беа лишени од слобода 10 лица во Грција, и тоа 7 лица државјани на Република Грција и 3 лица државјани на Република Албанија, додека во Република Северна Македонија беа лишени од слобода 4 лица, наши државјани, кои во моментот се притворени и се наоѓаат во истражниот затвор Скопје, информира МВР.
Во рамки на проверките за лицата и фирмите кои биле инволвирани во првиот случај на заплена на 105 кг кокаин пред еден месец, било утврдено дека веќе уапсените нарачале и организирале и втора, нова количина на кокаин од Еквадор. Вчера македонските полицајци со нивните грчки колеги ја пронашле и таа пратка, односно 100 пакувања, со вкупна тежина од 161 килограм. Кокаинот бил пронајден во специјално направени бункери – крипти во шините од подот на двата контејнера.
Одделот за крим-полиција во текот на следната недела ќе достави известување до надлежниот Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како што соопшти портпаролот на МВР, Сузана Прањиќ – Талевска.