Во меѓународна акција на полициските власти, во Солун биле запленети 105 килограми кокаин и лишени се од слобода 10 лица (седум од Грција и тројца од Албанија), додека во земјава уапсени се четворица државјани на С.Македонија, информираше МВР.
Случајот бил реализиран на 8 и 9 мај годинава, како резултат на повеќемесечна размена на информации и воспоставената соработка со Службата за борба против дрога од Солун.
Според МВР, станува збор за лица кои како членови на меѓународна организирана криминална група презеле низа на дејствија со цел да набават и пренесат кокаин од Еквадор до пристаништето во Солун, со намера потоа дрогата да биде дистрибуирана во повеќе земји. Кокаинот на пристаништето во Солун пристигнал сокриен во три контејнери натоварени со банани од Еквадор, кои биле нарачани и платени од страна на фирма од Скопје. Сопственик и управител на фирмата, според МВР, е А.К. (70) од Скопје, кој во текот на 2022 година го регистрирал правното лице во договор со С.Г. (58) од Гевгелија, со цел истото да се користи за увоз на овошје од Јужна Америка.
Од полицијата информираат дека по пристигнувањето во Солун, контејнерите биле преземени од товарно моторно возило со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од македонскиот државјанин М.М. (30). Откако тој го презел и натоварил контејнерот, со возилото се упатил во магацин во близина на Солун. По кратко време, од страна на Службата за дрога од Солун во магацинот пронајдено е возилото и во него се пронајдени и запленети 105 килограми кокаин. М.М. избегал, но денеска преку зелениот појас на државната граница помеѓу Грција и Македонија, влегол во државава и бил уапсен.
Во вечерните часови на 8 и 9 мај биле извршени претреси во домот каде што престојувал А.К. и на која адреса е регистрирано и фирмата, претрес во домот кај С.Г. во Гевгелија, како и во деловните простории на две правни лица каде истиот е сопственик и управител, и претрес во домот кај С.М. (30) во општина Богданци, сопственичка и управител на правното лице на кое биле регистрирани товарното моторно возило и приколката.
„За време на претресите пронајдена е и одземена документација од правните лица поврзана со набавка и увоз на овошје од Јужна Америка, мобилни телефони, пари и други предмети кои ќе послужат како доказ во понатамошната постапка. Лицата се лишени од слобода и во текот на денешниот ден од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје до Јавен обвинител од ОЈО ќе биде поднесена кривична пријава по чл.215 ст.3 од КЗ“, информираат од МВР.