По добиени оперативни информации и врз основа на судска наредба, екипи на Секторот на внатрешни работи Куманово, Управата за јавни приходи (УЈП) и Државниот пазарен инспекторат вчера извршиле претреси во два објекти во Куманово и пронашле поголема количена на фалсификувана текстилна стока, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).
Како што информираат оттаму, во првиот случај, претрес бил извршен во домот на 53-годишниот М.С. каде во подрумот биле пронајдени повеќе парчиња облека, со сомнително потекло, наредени на полици и една фискална каса.
„Од извршениот преглед од страна на Претставникот на трговските марки констатирано е дека во продажба се нуди текстилна стока од сомнително потекло означена со трговските марки „Дизел“, „Риплеј“, „Армани“ и „Адидас“, која што е фалсификувана. Со потврда за привремено одземени предмети одземени се вкупно 200 парчиња фармерки, јакни, комплет тренерки и дуксери и четири најлон кеси со копчиња, етикети и ознаки од трговските марки. Од страна на Државен пазарен инспекторат констатирано е дека М.С. во куќата врши трговска дејност, продажба на текстилна стока преку правното лице ДПТУГ „Њу-Лок“ Куманово, а немал поднесено пријава за исполнување на минимални технички услови за вршење на трговска дејност за што му се изречени глоби во износ од 4.700 евра“, стои во соопштението на МВР.
Во другиот случај била извршена контрола во бутикот „Лондон“, сопственост на кумановецот Ј.Џ.(30) каде, како што информираат од МВР, се продавала фалсификувана облека со ознаки на трговските марки „Луј Витон“, „Живанши“, „Барбери“, „Шанел“, „Армани“, „Томи Хилфигер“, „Гучи“, „Ла Кост“, „Дизел“ и „Левис“. При претресот надлежните одзеле вкупно 55 парчиња кошули, блузи, фармерки и тренерки.
По целосно расчистување и документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, велат од МВР.