Непознати сторители синоќа, околу 23 часот, во Прилеп, ја полиле со бензин и ја запалиле гаражата на новинарот и сопственик на порталот „Публикум“, Зоран Милошески. Пожарот го забележал станар на соседната зграда, чиј автомобил бил паркиран непосредно пред гаражата на Милошески, јави „Публикум“. Тој веднаш се симнал од станот, се јавил во прилепската полициска станица и почнал со снег да го гасне огнот.

Според првичните неофицијални сознанија, пожарот е настанат откако извршителите со бензин ја полиле и ја запалиле вратата на гаражата, во која бил паркиран автомобилот на Милошески.

Новинарот Милошески, кој истовремено е долгогодишен дописник на неделникот „Фокус“ и соработник на порталот „Слободна Македонија“, важи за жесток критичар на актуелната власт.