Скриншот од снимка на ТВ ВИС Струмица

Празен автобус на штипската компанија „Кит-го“ се самозапали на автопатот Миладиновци-Штип кај месноста Крушица. Во автобусот бил само возачот, кој безуспешно се обидел да го изгаси запалениот автобус. Поради тоа што се запалил на удолница, автобусот во пламен се спуштил од локацијата на која се запалил стотици метри подолу, удрил во банкина и предизвикал мал пожар на околната нива. За среќа, нема повредени и загинати лица во оваа незгода.

Засега не е позната причината поради која денеска се запали автобусот на автопатот Миладиновци-Штип. Пожарот започнал од моторот, а потоа го зафатил и останатиот дел од возилото, потврдуваат од МВР за автобуската незгода.

„Мета.мк“ во изминативе една и пол година постојано ја следи темата за возниот парк со кој се врши автобускиот превоз на патници во земјава. Податоците на Царинската управа на РСМ секоја година покажуваат дека бројот на увезени половни возила од странско неколкукратно е поголем од набавката на новопроизведени автобуси со кои се врши превоз на патници. Просечната старост на автобусите што сообраќаат во земјава со години наназад се движи околу 18 години, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Пред само три дена, Министерството за внатрешни работи информираше дека во акциски контроли на територијата на СВР Тетово, Велес и Штип за само пет часа биле откриени 52 различни прекршоци кај возилата што вршеле јавен превоз на патници. Кај автобусите, минибусите и такси возилата беа откриени неисправни кочници, волан, светлосни уреди, опрема и други делови на превозните средства, а беа пронајдени и возила со неизвршен вонреден технички преглед.