На иницијатива на министерот за надворешни работи Никола Димитров, министрите за надворешни работи на земјите од Западниот Балкан денес испратија писмо до Комесарот за трговија Фил Хоган, Комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји и до Високиот претставник на ЕУ и потпретседател на ЕК Жозел Борел со барање за изземање на земјите од Западен Балкан од Регулативата на ЕУ со која одредени медицински продукти за лична заштита беа ставени под режим на извозни рестрикции односно специјални извозни дозволи, информираат од Министерството за надворешни работи (МНР).

„Корона вирусот се прошири во сите делови на Европскиот континент и за да се победи оваа заедничка закана потребна е солидарност и взаемна соработка. Имајќи предвид дека секаде први на фронтот со корона вирусот се здравствените работници, сите заедно мораме да осигураме дека тие ќе ја имаат во секое време и во доволни количини медицинската опрема за лична заштита. Затоа Ние, партнерите од регионот се обединивме и итно и предлагаме на Европската комисија во предлогот за ревизија на регулативата која е во тек да предвиди изземање од потребата за специјални извозни дозволи за нашиот регион“, се наведува во соопштението на МНР.

Од МНР посочуваат дека регионот на Западниот Балкан е дел од Европа, опкружен со земји членки на ЕУ. Изземањето ќе испрати силен сигнал дека сите ние како Европејци работиме заедно за да успешно се соочиме и да го надминеме овој огромен предизвик.