Градот Гуангжоу | Фото: Викимедиа комонс, Sergei Gussev / CC BY

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот и во светот.

Познатиот сервис за проверка на фактите polygraph.info анализираше изјава, односно твит, на портпаролката на министерството на надворешни работи (МНР) на Кина, Хуа Чунјинг, која е и директор на Одделот за информирање во кинеското МНР, а всушност претставува ри-твит на Муса Факи Махамат, претседавач на Африканската унија, којшто постираше став за смртта на Џорџ Флојд од полициско насилство, која што предизвика огромни протести во САД.

„Секој живот е битен. Стоиме цврство крај нашите африкански пријатели. Остро се спротивставуваме на сите форми на расна дискриминација и потпалувачки изјави на расизам и омраза. (Во врска со смртта на Џорџ Флојд, Африкански Американец во полициски притвор на полицијата на САД)“, гласи преводот на ритвитот на Чунјинг.

Таа на 1 јуни го ритвитувала твитот на Муса Факи Мухамат, претседавач на Комисијата на Африканската унија, којшто постирал изјава за Џорџ Флојд, односно за неговата смрт во полициски притвор, но и за расната дискриминација во САД. Односниот твит, трет од три, гласи:

„И дополнително ги повикувам властите во САД да ги засилат своите напори за да обезбедат тотална елиминација на сите форми на дискриминација врз основа на расното или етничкото потекло. #GeorgeFloyd”

Потоа, портпаролката на Министерството за надворешни работи на Кина, на Твитер го напишала погоре цитираниот твит, којшто, пишува polygraph.info, е заведувачки: Самата фраза „Сите животи се значајни“, честопати се сфаќа како недобронамерен и омаловажувачки одговор на слоганот „Црномурестите животи се значајни!“ (Black lives matter), коешто една граѓанска организација го усвои како свое име во 2013 година. И иако во САД постои расна дискриминација, импликациите дека Кина „ги отфрла сите форми на расна дискриминација“ се невистинити, пишува polygraph.info, наведувајќи дека во април годинава пишувал за бран дискриминација во Кина насочена кон доселеници, лица на привремена работа и студенти од Африка, главно во градот Гуангжоу.

Африканците во овој град биле изгонети од своите живеалишта, малтретирани од полиција на улица, им било забранувано да влегуваат во трговски центри и ресторани и им бил наложуван тест за ковид-19, без разлика дали и каде патувале претходно. Оваа дискриминација била толку застапена што амбасадорите на неколку африкански земји испратил жалби до кинеското МНР.

Како што пишува polygraph.info, во Кина има и други примери на дискриминација – против етнчки и верски групи во земјата, од кои најголемата е ујгурската, во провинцијата Шинѓиан. Од 2017 година досега, повеќе од еден милион членови на оваа етничка заедница од турската јазична група биле притворени во специјални логори.

Притоа, кинеската влада го негира постоењето на овие логори, нарекувајќи ги „образовни“ или „кампови за остручување“. Сепак, луѓе што биле во логорите сведочеле дека биле приведени и биле испрашувани само поради тоа што се муслимани. Мета на ваквиот третман биле мажи со долги бради и жени што носеле вел.

Според „Хјуман Рајтс Воч“, многу Ујгури се „загубени“ во затворскиот систем во Шинѓианг, а нивните роднини не може да стапат во контакт со нив. Некои велат и дека биле присилувани да јадат свинско и да пијат алкохол, што е недозволено во Исламот. Дополнително, кинеската власт разрушила илјадници џамии во провинцијата, а биле уништувани и муслимански гробишта, пишува polygraph.info.

Друг пример на дискриминација во Кина е домородното население на Тибет, Во април годинава „Хјуман Рајтс Воч“ известил за следење и малтретирање на Тибетанци коишто се залагале и поддржувале настава на тибетски во училиштата. Имено, во училиштата во оваа провинција предаваат главно не-Тибетанци, а достапот до наставен материјал на тибетски е многу ограничен и се намалува.

Дополнително, кинеската власт го засилува и притисокот врз Хонг Конг со што се нарушува принципот „една држава, два система“, според кој Хонг Конг беше вратен од Велика Британија на Кина во 1997 година.