fbpx

Занаетчиите и транспортерите бараат дополнителни мерки за помош од владата

-

Предлози за усвојување на нови мерки до владата испратија занаетчиите и транспортерите како едни од најпогодените од кризата со корона вирусот во земјава. Од Занаетчиската комора бараат ослободување од плаќање придонеси додека трае пандемијата со корона вирусот, субвенционирање на платите за сите занаетчии, ослободување од плаќањето аконтација на данокот за личен доход, како и вклучување на занаетчиите во кредитните линии на Македонската банка за обнова и развој.

Од Занаетчиската комора бараат владата да не ги заборави занаетчиите во сите идни мерки што ќе ги презеде таа, бидејќи токму занаетчиството било директно погодено од новонастанатата криза.

Покрај занаетчиите, владина помош бараат и од транспортниот сектор. Од Услужната комора на Македонија на денешната прес – конференција ги изнесоа своите мерки што ги бараат од владата, нагласувајќи дека од нивното итно донесување ќе зависи дали компаниите ќе прекинат со работа или не.

– Во насока на тоа да се зачува здравјето на возачите, што е неопходен предуслов за работа, Владата треба да обезбеди пунктови кои ќе бидат функционални за возачите, каде ќе се прават брзи тестови со цел да не се губи време како до сега со закажување на матичен доктор и чекање на термин за да може да бидат тестирани – посочи Филип Манојловски од Услужната комора.

Тој посочи дека голем дел од компаниите се соочуваат со ситуации на злоупотреба во овие тешки времиња и одбивање на работа по донесување на вонредната состојба во земјава, а немаат насоки како да постапат и да се заштитат. Станува збор за големи тековни трошоци, вели Манојловски, додека наплатата на побарувањата скоро и да ја нема.

Услужната комора бара од Царинската управа и царинските службеници да работат со полн капацитет, бидејќи во одредени случаи на поднесени барања за издавање на одобренија од страна на компаниите, истите се проблематизираат поради редуцираниот капацитет на царинското работење.

– Во овие вонредни времиња, Услужната комора апелира на пролонгирање на рокот за регистрација на товарните и патнички моторни возила до завршувањето на кризата, бидејќи претставува дополнително оптоварување и трошок како за компаниите, така и за сите граѓани, а со тоа и осигурителните компании да ја продолжат важноста на полисите за истиот рок – изјави Манојловски.

Транспортерите бараат и генерално одложување на обврските за рати на кредити во овие 3 месеци во целост, а истото да се примени и кај лизинг обврските. Тој побара и обврската на компаниите за исплата на К-15 за вработените да се одложи со уредба за наредната година или да се укине ваквата обврска за годинава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОНХЦР: Застрашени сме од гробниците околу болниците во Газа

Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (ОНХЦР) Волкер Турк изјави дека е „застрашен“ од гробниците во Газа, пренесува Би-би-си. Во трите гробници кај болниците Насер и Ал-Шифа беа...