fbpx

ЗАМП не попушта, плаќа огласи по весниците, а медиумите – збунети, не знаат кого да слушаат

-

Здружението за заштита на авторски музички права ќе го обжали до надлежниот суд решенито на Министерството за култура, со кое се поништува одлуката на ЗАМП за забрана за емитување македонска музика во медиумите. Денеска ЗАМП во речиси сите дневни весници закупи по цела или по половина страница со објава на вчерашното соопштение.

Директорот на ЗАМП, Зоран Васковски, за „Мета“ вели дека решението на Министерството не е ниту извршно, ниту правосилно.

– Сè уште важи нашата одлука, односно одлуката на авторите. Само тие можат да ја повлечат забраната. Решението на Министерството за култура има правен лек за обжалување, на кој ние ќе се повикаме. Додека судот не донесе решение, нашата одлука е на сила – вели Васковски.

Денеска и Здружението за заштита на авторски музички права на Босна и Херцеговина забрани користење на авторски музички дела од нивниот репертоар.

Од ЗАПМ велат дека, во согласност со известувањето, оваа забрана стапува на сила веднаш.

Постапувањето или непостапувањето по решението со кое македонската музика се враќа во етер е законска одговорност на ЗАМП, се вели, пак, во реакцијата на Министерството за култура по вчерашната одлука на Здружение за заштита на авторски музички права овој документ да го прогласи за неважечки.

„Министерството за култура постапува исклучиво врз основа на своите надлежности, кои се утврдени со Законот за авторското право и сродните права. Решението за запирање на извршувањето на одлуката за забрана за емитување музика е донесено во јасна и дефинирана постапка и тоа решение е целосно законски основано. Правната неоснованост на овој акт може да ја цени само надлежниот суд, а не ЗАМП“, возврати Министерството.

Оттаму посочуваат дека ЗАМП е здружение кое врши колективно управување со авторски музички права врз основа на дозвола добиена од Министерството за култура и, според министерството, треба да работи во интерес на сите автори, почитувајќи ги законите во Република Македонија, вклучително и во согласност со актите на надлежното Министерство за култура.

Инаку, вчера, како што информираше ЗАМП, поради основани сомневања за несовесно вршење на службата и злоупотреба на службената должност, против одговорните лица во Министерството за култура, Здружението поднесе кривични пријави до Јавното обвинителство.

„Авторите преку ЗАМП ќе ги преземат сите потребни правни дејства за да си ги заштитат своите права и ќе поведат постапка против решението на Министерството за култура. Поради незаконските одлуки на Министерството за култура и евентуалните повреди на моралните и на материјалните права на авторите, препорачуваме трговските радиодифузни друштва да продолжат да се придржуваат до одлуките на авторите на ЗАМП сè додека судот не донесе правосилна судска одлука или додека авторите во ЗАМП сами не ја стават надвор од сила забраната за јавно емитување музика“, стоеше во соопштението од ЗАМП.

По почетокот на препирањето меѓу ЗАМП и Министерството за култура, во македонскиот етер владее хаос околу тоа дали и која одлука и решение треба да се почитува. Дел од медиумите го прифатија решението на Министерството и пуштаат македонска музика, а другите сè уште ја почитуваат одлуката на ЗАМП да не се емитува не само македонска, туку ниту музика од Балканот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...