Неколку сериозни заложнички драми што се одвиваат денеска во и околу Париз, ги шокираа Франција и целиот свет. Едната со двајцата браќа Коуши по кои се трага по масакрот во магазинот „Шарли ебдо“, а другата во супермаркет за кошер-храна.

Не е докрај јасно дали и како двата настани се поврзани, но тие само го потврдуваат неколкудневниот кошмар што Франција го доживува во борбата против тероризмот.

Францускиот претседател Франсоа Оланд порача дека неговата земја се наоѓа пред испит и повика на единство.

Оланд рече дека Франција е во шок од несфатливиот терористички акт и оти постои опасност од нови напади.

Тој ги повика граѓаните на национално единство и в недела попладне да излезат на „републикански марш“.

За време на нападот во супермаркетот, пак, две лица загинаа, а уште најмалку пет се држат како заложници. Како што јавуваат француските медиуми, едно лице е повредено. Министерството за внатрешни работи на Франција, сепак, ги демантира информациите за жртви.

Некои од вработените за време на нападот успеале да истрчаат надвор, јавува „Паризиен“.

Во меѓувреме, светските медиуми јавуваат дека напаѓачот од супермаркетот се заканува дека ќе ги убие заложниците доколку полицијата се обиде да влезе во локалот. Тој, исто така, бара ослободување на браќата Коуши, кои се осомничени за нападот на сатиричниот весник „Шарли ебдо“.

Како што јавува „Фигаро“, напаѓачот бил вооружен со „клашников“, а набргу на местото на настанот пристигнале и француската полиција и војската.

Полицијата потврди дека станува збор за осомничениот за убиството на полицајката во Монруж.

Претставничка на Партијата на левицата, Ракел Гаридо, на својот твитер-профил објави дека во квартот Порт де Висен, на североистокот на градот, се пука и оти полицијата ги евакуира граѓаните.

Истовремено уште две лица се убиени, а најмалку 20 се ранети во нападот на печатницата во која влегоа двајцата браќа што се осомничени дека во средата го извршија нападот на „Шарли ебдо“.

Полицијата ја опколи печатница и се обидува да ги натера осомничените да се предадат. Таа преговара со терористите бидејќи  држат неколку лица во заложништво.

Драматичната потера се одвива на 30 километри северно од Париз, во индустриската зона Дамартин.

Над местото кружат полициски хеликоптери, а во акцијата за спасување вклучени се и елитните полициски единици.

Во последните 24 часа извршени се три напади врз џамии.