fbpx

Законски измени за ковид-19 во Западна Австралија се извадени од контекст

-

Во постот што го рецензираме се пропушта контекстот, бидејќи не се наведува дека ставките како влез во приватни имоти без судски налог, присвојување и користење подвижен и недвижен имот, наметнување медицински третман, карантин платен со парите на граѓаните, не е предвидено да се применуваат без претходно да се исполнат одредени услови. Всушност, на 31 октомври 2022 година, Владата на Западна Австралија, објави соопштение дека менаџирањето на ковид-19 во Западна Австралија повеќе не влегува во категорија на вонредна состојба, како што беше досега. Според новата законска рамка, доколку е потребно, координаторот за вонредна состојба може да донесе привремена Декларација за ковид-19 која ќе стапи во сила исклучиво ако ковид-19 претставува ризик за безбедноста на општеството, што не значи дека некогаш ќе се случи, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Нов предлог акт во западна Австралија. Ковид полицајци со неорганичени права за:
– Влез во приватни имоти, без судски налог.
– Присвојување и користење на подвижен и недвижен имот
– Наметнување на медицински третман (вакцинација) .
– Протерување на лицата во карантин платен со парите од лицата.
Како и други ДИКТАТРОСКИ ОВЛАСТУВАЊА по волја на ковид
офицерите. Ковид хистеријата веке ја нема во Австралија и не е јасно зошто се овие нови закони.
Ако рајата не се побуни, КРАЈ на приказната.
Во постот што го рецензираме, се пропушта контекстот, бидејќи не се наведува дека ставките како влез во приватни имоти без судски налог, присвојување и користење на подвижен и недвижен имот, наметнување медицински третман, карантин платен со парите на лицата, не е предвидено да се применуваат без претходно да се исполнат одредени услови. Всушност, на 31 октомври 2022 година, Владата на Западна Австралија, објави медиумско соопштение дека менаџирањето на ковид-19 во Западна Австралија повеќе не влегува во категорија на вонредна состојба, како што беше до сега.

По цели 963 дена, во коишто Западна Австралија функционираше во вонредна состојба, истата ќе биде отстранета на 4 ноември и нема да биде обновена, пишува на веб-страницата на Владата.

Откако ќе биде укината вонредната состојба, владата ќе продолжи да ја менаџира ситуацијата со ковид-19 и да ги штити своите граѓани преку соодветни политики, програми за тестирање и поставување вакцинални клиники и места за тестирање, доколку е потребно и во поголем број. Се препорачува да се носат маски каде што е потребно, да се остане дома при детектиран ковид-19, да се тестираат граѓаните и да избегнуваат места со висок ризик.

Како дел од процесот на транзиција од вонредната состојба, државниот парламент месецов донесе нова легислатива, која обезбедува рамка за менаџирање ковид-19 во Западна Австралија во иднина, доколку се случи вирусот да ескалира и да бидат потребни дополнителни начини за заштита.

Оваа легислатива се вика Emergency Management Amendment (Temporary Covid 19 Provisions) Act 2022.

 

За што всушност се работи?

Според новата законска рамка, доколку е потребно, координаторот за вонредна состојба може да донесе привремена Декларација за ковид-19 (Temporary COVID-19 Declaration) која ќе биде на сила исклучиво ако ковид-19 претставува ризик за безбедноста на општеството и ако се бара координиран одговор за да се превенира губењето животи или има штети по колективното здравје.

Ако е потребно, тогаш законот може да се користи за да се имплементираат мерки како носење маски во јавен превоз и на други места, изолација на индивидуи, протоколи кои се засилени во водниот сообраќај итн.

Наведеното во постот кој го рецензираме, воопшто не значи дека истото ќе биде имплементирано, уште помалку во сегашноста, кога мерките во Западна Австралија се олабавени поради подобрување на состојбата со коронавирусот. Со оглед на тоа што во Западна Австралија за првпат од стартот на пандемијата ќе биде отстранета вонредната состојба, Владата решила доколку во иднина дојде до неочекувани влошувања на ковид состојбата, да не седи со врзани раце, односно да може преку други механизми да ја контролира состојбата.

 

Што има во законот кој е изменет за да може да се имплементира само во строги услови?

Актуелните мерки во Западна Австралија се да се укине вонредната состојба, да се носи маска, да се одржува физичка дистанца, да се одржува личната хигиена, да се мијат рацете редовно и да се изолираат граѓаните дома, ако не се чувствуваат добро и воедно да се тестираат. За блиските контакти на заболените изолацијата повеќе не е задолжителна освен што не им е дозволено да одат на места со висок ризик од ковид-19. Во Западна Австралија има упатства и како да се менаџира ковид на работните места. Препораките се при постоење симптоми, граѓаните да се тестираат и да останат дома.

На втората страница од документот пишува дека вториот дел од законот стапува во сила на датум кој е одреден со прокламација. А токму во тој втор дел од законот се однесува на она што е изнесено во постот што го рецензираме, односно можноста во иднина при исклучителни околности да се донесе таканаречена ковид-19 декларација.

На страница 6 од законот пишува дека координаторот може да донесе Декларација за ковид-19 во некоја или во сите области на државата и тоа само ако ковид-19 е со таква природа и магнитуда да бара координиран одговор и ако има потреба да се превенира или минимизира загубата на животи. Декларацијата за ковид-19 мора да вклучува време и точен датум кога почнува.

На страница 7 пишува дека Декларацијата за ковид-19, откако ќе се донесе, стапува во сила веднаш и може да трае најмногу 3 месеци. Декларацијата за ковид-19 може да се продолжи, ама не за период од уште три месеци. Таа може да биде повлечена во кое било време.

Само откако и доколку се донесе Декларација за ковид-19, ќе можат да се применуваат овластувањата од делот 3 во законот. Тогаш можат да се постават авторизирани службеници за ковид-19, и тоа авторизирани од координаторот и само за време додека декларацијата е во сила. Во постот што го рецензираме тоа не е наведено, па се добива невистинит впечаток дека законот стапува на сила веднаш, иако тој можеби никогаш и нема да се примени, или можеби ќе се примени само доколку има потреба.

Јасно е дека Владата на Западна Австралија ја укинува вонредната состојба, но не сака да остане со заврзани раце во случај да ескалира состојбата со ковид-19. Во законот се вели дека тогаш службеникот ќе може да легитимира граѓани, да забрани движење на возила и лица во и надвор од областа во која што има ограничувања, да спроведе евакуација (страница 12 во документот), да затвора патишта, да го насочува сообраќајот итн.

На страница 13 во документот се вели дека за потребите на менаџирањето со ковид-19, додека е во сила декларацијата, авторизираниот службеник може да земе под контрола или да влезе во било кое место, возило или друг објект, без налог или согласност од сопственикот. Ако го направи тоа, мора на сопственикот во рок од 7 дена да му достави известување дека влегол во возилото или на местото. Овластените службеници можат, за да го спречат ширењето на коронавирусот (само додека декларацијата е во сила) да спроведат лице во место за изолација, но не подолго од 24 часа, освен во некои ретки исклучоци. За времетраењето на декларацијата, службеникот може да им нареди на сопствениците на бизниси, како и на овластените лица во религиозните објекти, да го затворат објектот за одредено време.

СидниАусТудеј, на 21 септември 2022 година има објавено експлејнер (објаснувачки текст) за тоа како како би се одвивале промените во легислативата во Западна Австралија. Во текстот се вели дека Западна Австралија функционира под вонредна состојба од 15 март 2020 година со одлука која постојано се продолжувала. Со таа одлука за вонредна состојба, властите имале моќ односно овластувања, да издадат наредба на секој човек или група на луѓе да сторат „сè што мислат дека е неопходно за да превенираат, контролираат или намалат ризици поврзани со вонредната состојба”. Властите на Западна Австралија ги користеа овие моќи изминатите две години за да затвораат граници, да имплементираат задолжително носење маски и да воведуваат рестрикции во движењето. Бидејќи владата на Западна Австралија сака да стави крај на вонредната состојба, решава да ја замени со нови легални акти за да се справи со остатоците од пандемијата, но и со можните ескалации на истата.

Имаше голема одбивност кон терминот ‘вонредна состојба’, поради називот, но и зошто ѝ се дозволуваше на Владата да затвора граници, така што воведуваме новитети, изјави премиерот Марк Мек Гован.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...