Пратениците со 71 глас „за“ и осум гласови „против“, вечерва во Собранието го изгласаа и го пратија на второ читање Законот за високо образование.
Павле Трајанов во расправата побара поширока јавна дебата пред да се воведе државниот испит. На ова министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, одговори дека се разговарало речиси три месеци и дека тоа било доволно време за дебата.
Кога го образложуваше законот, Адеми кажа дека ќе има пилот-проект за државниот испит за да се избегнат сите слабости на проектот.
Беким Фазлиу од ДПА рече дека државен испит треба да полагаат министрите, лидерите на политичките партии, градоначалниците и останатите функционери, а не студентите.
– Вие, министре Адеми, паднавте на државниот испит со Менделеевиот периодичен систем, како што паднаа и многу други функционери – рече Фазлиу.
За Лилјана Поповска од ДОМ немало вистинска и целосна дебата за воведувањето државен испит.
– Мислам дека треба да се остави простор и да се организираат неколку дебати во кои секоја засегната страна ќе може да го каже своето мислење – рече таа.
Според Солза Грчева, Законот за високо образование е скандалозен и неуставен и треба да се повлече.
– Треба да се прекине расправата за овој закон, а Собранието да ги отвори вратите за студентите и за академската заедница – рече таа.