Законот за субвенциониран студентски оброк ќе се носи по скратена постапка – што предвидуваат измените?

Во меѓувреме, МОН информираше дека се подготвува за брза исплата на средствата веднаш по стапување во сила на измените на законот

Илустрација: Мета.мк

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за субвенциониран студентски оброк да се донесе по скратена постапка, одлучија пратениците на денешната собраниска седница.

Пратеничката Моника Зајкова, која е една од предлагачите на законот, појасни дека со предлогот се предвидува дневниот износ на оваа субвенција да се зголеми почнувајќи од април. Од септември пак, треба да почне да се применува системското решение со кое студентите преку дигитални картички ќе купуваат субвенциониран оброк кај регистрирани даватели на услугата.

Дотогаш Министерството за образование и наука (МОН) треба да избере банка која ќе биде носител на платниот промет преку кој ќе се плаќа субвенционираниот студентски оброк и која ќе ги изработи дигиталните картички со кои студентите ќе може да купуваат оброци кај угостителите.

Доколку се усвои предлогот, почнувајќи од овој месец, студентите ќе добиваат субвенции за оброк во износ од 140 денари дневно, наместо 120 колку што добиваа досега.

Новина е тоа што, освен само во работните денови во месецот, од септември студентите ќе може да купуваат субвенциониран оброк секој ден од понеделник до сабота, но и на верски празници, што значи дека од следната академска година вкупниот месечен износ ќе биде поголем од сега.

Во моментов студентите добиваат субвенции за оброк на своите трансакциски сметки еднаш месечно, но само за работните денови во месецот, без викенди и верски и државни празници.

Покрај ова, во предлог-законот се предвидува и износот на субвенциите да се усогласува со инфлациската стапка по секоја фискална година.

„Законот предвидува системско решение и, конечно, ќе добиеме систем за да не се соочуваме секоја година да имаме по два предлога и да собираме политички поени за оваа мерка“ рече Зајкова.

Од присутните 120, за носење на законот по скратена постапка гласаа 98 пратеници.

По усвоениот заклучок, матичната Комисија за образование, наука и спорт треба да го стави предлог-законот на дневен ред на разгледување.

Во меѓувреме, МОН информираше дека се подготвува за брза исплата на средствата веднаш по стапување во сила на измените на законот.