Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција соопшти дека предлог-законот за јавно обвинителство ќе го достави следната недела до Собрание. Во него се предвидува Специјалното јавно обвинителство да се интегрира во новото Јавно обвинителство, со што ќе се формира нова институција која ќе добие и нов назив Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. На чело на оваа институција, премиерот Зоран Заев ја предложи обвинителката Вилма Русковска.

„Законот за јавно обвинителство ќе биде доставен до сите политички партии и јавноста. СЈО како структура се интегрира во досегашното Јавно обвинителство. Обвинителите, истражителите, истражувачкиот центар, архива се ќе премине во новото Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. Мандатот на обвинителите на СЈО истекува во септември 2020 година но ќе имаат право повторно да конукирираат“, рече Заев.

Тој додаде дека смета дека Законот за јавно обвинителство ќе помине со двотретинско мнозинство во Собранието, бидејќи во него се вметнати сите забелешки на опозицијата, работните парламентарни групи.

Премиерот исто така рече дека со новото Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција се обезбедува структура и ресурси во нова форма без можност политичарите да имаат какво било влијание.

„Сите слуачи пред судот за кои СЈО е надлежно, ќе продолжи да ги застапува новото Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, во фаза во која сега се наоаѓаат. Гаранција за независно вршење на функцијата е финансиската самостојност, па оттука предлог-буџетот ќе го првиот јавниот обвинител  на оваа институција, без Владата да има можност да влијае врз истиот. Независноста на институцијата се гарантира и преку тоа што првиот човек може да биде сменет преку дво третинско мнозинство на Советот на јавни обвинители“, рече Заев.

Во однос на неодржувањето на денешната лидерска средба, Заев праша дали ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се искрени во намерата да учествуваат во процеси за европска иднина, владеење на правото и расчистување на криминалот.