Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска најави дека доколку до Парламентот биде доставен усогласен Предлог-закон за јавно обвинителство и по содржина и со договорено мнозинство, тој веднаш ќе биде ставен на собраниска седница.

Тој потсети дека постои таква деловничка можност, потсетувајќи дека ваков закон веќе има на дневен ред на 108. седница и оти за тој предлог има усогласено триесетина амандмани.

– Закон за јавно обвинителство веќе е на дневен ред на 108. седница уште од ланска година. За тој предлог имаше околу 60 амандмани. Дел од тие амандмани беа усогласени уште во таа постапка. Најавите се дека ќе има нов предлог. Собранието не работи по најава, туку по конкретен предлог. Оној момент кога ќе добијам нов предлог ќе бидете навреме информирани – рече Џафери.

Министерката за правда Рената Десковска најави дека утре во 11 часот ќе се одржи средба на работната група со сите пратенички групи со цел да се усогласи текст кој ќе влезе во собраниска процедура.