Законите за животна средина ни се европски, но не и нивната имплементација

Фото: Мета.мк 22 октомври 2021

Европското законодавство за животна средина е солидно транспонирано во националното законодавство во С. Македонија. Сепак, спроведувањето е на почетно ниво речиси во сите области. Тоа е резултат, пред сè, на слабите административни капацитети, особено на локално ниво, и недостигот на финансиски средства кои во оваа област се речиси минимални. Интегрирањето на политиките на животната средина во останатите политики на државата е на почетно ниво.

Ова се главните заклучоци од првиот извештај во сенка за Поглавјето 27 за животна средина и климатски промени изработен од Платформа 27, неформална мрежа на граѓански организации кои работат во областа на животната средина и климатските промени, што денеска беше презентиран на настан во организација на Центарот за климатски промени.

Извештајот, на кој граѓанските организации работат повеќе од една година, содржи над 200 страници препораки за секоја област од животната средина. Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска ја истакна улогата на граѓанските организации во процесот на креирање политики, при што нагласи дека за приближување кон европските стандарди од Поглавјето 27 потребна е широка општествена заложба за економската и социјална трансформација со главен фокус на унапредувањето на животната средина.

„Во нашата домашна реформска агенда – „Агенда: Европа дома”, животната средина е приоретизирана како клучна област, издигната на ниво на првиот кластер „Темели”. Покрај усогласувањето со правото на ЕУ, многу значаен сегмент е и суштинската имплементација на донесените политики, а следна фаза е и употребата на најдобри зелени технологии и креирањето на зелени работни места”, посочи Димитров.

Во извештајот се нотира дека законодавството за воздух има висока усогласеност со европското и добро развиената мрежа за мониторинг, но сепак квалитетот на воздухот е лош. Граѓанските организации препорачуваат донесување на долгорочна стратегија за чист воздух најмалку за 10 години со Акционен план во која ќе бидат вклучени сите сектори кои придонесуваат во квалитетот на воздухот.

„За да обезбедиме подобар квалитет на воздухот потребно е проблемите да се анализираат и со нив да се управува интегрирано, но најважно од сè е да се делува истовремено во секторите енергетика, индустрија, греење на домаќинства и јавни објекти, урбанистичко планирање, сообраќај и транспорт и управувањето со отпад“, вели Бојана Станојевска Пецуровска, претседател на Центарот за климатски промени.

Управувањето со отпадот и после 15 години од првиот закон, се базира само на собирање и депонирање и иако се предвидува регионално управување, сепак со него сè уште управуваат општините преку јавните комунални претпријатија, а нема ниту систем за селекција. Решението, според препораките на граѓанските организации, е итно да се изградат регионалните депонии таму каде што постојат планови, а државата, Градот Скопје и општините да одвојот буџет за воспоставување на инфраструктура за селектирање на отпадот и за затворање на непрописните депонии.

Во однос на климатските промени, извештајот во сенка проценува дека земјата во моментов носи климатски политики со високо ниво на амбиција и климатски цели кои се во насока на остварување на зацртаните климатски цели на ниво на ЕУ, меѓутоа сè уште недостасува нивна реална имплементација. Итно мора да се донесат Законот за климатска акција и Националниот план за клима и енергија, а неопходно е да се работи и на мерки за адаптација кон климатските промени особено во најранливите сектори.

Водите се едно од најкомплексните и најскапите области од преговарачкиот процес на ЕУ на земјата. Во оваа област државата бележи одреден напредок во однос на пречистување на отпадните води меѓутоа неопходно е да се зголеми буџетот што се издвојува за управување со водните ресурси. Мора да се работи и на намалување на загубите на вода за пиење и да се донесе максимален праг на загуби.

Природата е една од најкомплексните области во Поглавјето 27. Во извештајот се препорачува интензивирање на теренските истражувања, изработка на Црвени листи на загрозени видови, ревидирање на Листите на строго заштитени и заштитени диви видови, продолжување со идентификација на потенцијални Натура 2000 подрачја и проширување на мрежата на заштитените подрачја.