Законите за управување со отпад да одат на јавна расправа, бараат 31 здружение и високообразовни установи

Фото: Бојан Блажевски

По повеќе од седум месеци откако поминаа на владина седница, 31 здружение на граѓани и високообразовни установи бараат да се одложи второто читање на Законот за управување со отпад и Законот за управување со пакување и отпад од пакување, коешто е закажано за утре (9 јули) во Комисијата за европски прашања во Собранието. Притоа, тие бараат претходно да се организира јавна расправа, по што би следело конечното усвојување на законите во Собранието на РСМ.

„Јавната расправа да биде закажана по завршување на периодот на летните одмори, со цел присуство на сите релевантни чинители“, наведуваат во обраќањето до пратениците 31 здружение на граѓани и високообразовни установи, додавајќи дека за вакви закони Собранието е должно да спроведе јавна расправа.

За нив се спорни два од шесте закони за отпадот, односно одредени сегменти од предложените законски решенија.

Владата во декември лани ги усвои предлог законите за управување со отпадот, на законот за проширена одговорност на производителот во управувањето со посебни текови на отпад, на законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, на предлог законот за управување со дополнителни текови на отпад во системот за проширена одговорност на производителите, на предлог законот за управување со пакување и отпад од пакување, како и на предлог законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори.

Потпишаните здруженија на граѓани и високообразовни установи бараат пратениците да се произнесат по одредбата во предлог Законот за управување со отпад, со која повторно ќе се дозволи увозот на отпад како енергенс.

Исто така, тие реагираат дека со новиот закон опасниот отпад ќе се редефинира, додавајќи дека можно е она што денес е забрането да се увезува, согорува и сл. да се дозволи да влегува во државата.

„Се редефинираат и условите за депониите за опасен отпад, кој може да ги основа и управува со нив. Ова е горливо прашање за граѓаните, со оглед на големиот број на негативни искуства во овие области“, се наведува до нивното обраќање до пратениците, испратено од граѓанската 02 Иницијатива.

Тие додаваат дека потребно е дефинирање на што подобра контрола на управувањето со отпадот и негова имплементација на терен, нешта кои хронично затајуваат во земјава. Во контекст на ова, се потенцира дека пластиката за еднократна употреба е огромен проблем, а новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување не го рефлектира ова. Потпишаните 31 субјект се повикуваат на директивата на ЕУ од 2019 година, со која се воведе забрана за 10 типа на пластични производи за еднократна употреба, рестрикција која што не важи во земјава.

Инаку, овој допис е испратен до претседателот на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми, претседателот на Собранието Талат Џафери, пратениците во Собранието, претседателот на Влада Зоран Заев и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, со барање да се одложи второто читање на законите.

Колку за потсетување, Европската комисија (ЕК) во последниот извештај за напредокот на нашата земја кон ЕУ даде критики во однос на управувањето со отпадот, токму поради тоа што законите за управување со отпад сè уште не се донесени.

Од Асоцијацијата за посебни текови на отпад при Стопанска комора уште во мај годинава побара што побрзо да се донесат шесте закони за управување со отпад, предупредувајќи дека правилниците од стариот закон имаат важност до 2020 година, така што во тековната 2021 година работата на компаниите кои управуваат со отпад не е правно уредена.