Закон за основно образование: Мора да ги вратиме изгубените вредности кај учениците

-

Новиот Закон за основно образование кој е во собраниска процедура и кој е актуелен изминатиов период, предвидува повеќе промени. Она што е интересно за анализа е тоа што во целите е наведено дека ова ќе биде документ чија примена треба да започне да создава деца со поголема самодоверба, деца што образовниот процес ќе ги учи на почит, на разбирање, на воспитување за поголема толеранција кон различниот, на одговорност и соработка. Во целите на законот, наведено е и дека фокусот ќе биде на интелектуалниот, емоционалниот и социјалниот развој на учениците соодветно на нивните сособности.

Дали ова значи дека системот досега не создавал генерации кои ги негуваат овие вредности? Колку сето ова ќе биде изводливо во пракса? За ова, поразговаравме со експерти во областа, како и со практичари кои се дел од системот и кои секојдневно работат со деца.

За долгогодишната одделенска наставничка Јадранка Клисарова од основното училиште „Блаже Конески“ во Аеродром, секој наставник сака од секое дете да изгради личност кое ќе биде праведно, ќе се грижи, ќе им помага и ќе ги почитува останатите.

– Го читам новиот закон и самата сум во дилема, што работиме ние наставниците сите овие години? Зарем не ги воспитуваме учениците во тој дух? Во текот на целиот воспитно-образовен процес се води грижа за развивање на другарството, меѓусебна почит и толеранција и прифаќање и почитување на различните од себе. Сè што содржи новиот закон (character education) и до сега се применуваше во воспитно образовниот процес, само што никој не го истакнуваше. Да се работи во развивање и негување на овие вредности е потребно и треба да биде перманентно уште од најрана возраст во самото семејство, во градинката, а потоа истите да продолжат во основното образование. Да се образува едно дете до степен на зрела личност е долгорочен процес во образовниот систем – вели Клисарова.

Според неа, несомнено некои морални вредности кај учениците во последните години се изгубени, но тоа не е поради неодговорноста на наставниот кадар, туку потекнува од семејствата и од системската поставеност во општеството.

– Воспитната улога на училиштата од секогаш била примарна задача, но преобемните програми, големиот број на часови и големиот број на ученици во едно одделение, придонесоа воспитната компонента да се намали. Да не го заборавиме значењето на семејството, кое треба да биде основниот столб кој ќе има примарна улога во воспитување на децата и истите да бидат емоционално и социјално хармонични личности. Ако се врати воспитната улога во училиштата, ќе има има големо значење за целиот образовен систем, бидејќи учениците ќе можат за по краток временски период да постигнуваат поголеми знаeњa. Сметам дека оваа намера за враќање на воспитната улога ќе вроди со плод за самите ученици и за целото општество. Но, се надевам дека тоа нема да биде преку наметнати дополнителни часови и теоретски оптоварувања за учениците. Наставникот не ја заборава својата улога дека тој го образува умот, но без образување на срцето не направил ништо корисно. Наставникот во училницата треба да креира стимулативна средина за когнитивен, емоционален и социјален развој за секое дете – смета Клисарова.

УНИЦЕФ работи со Министерството за образование и наука во носењето на реформите во образованието. Бенџамин Перкс, претставникот на УНИЦЕФ за „Мета“ вели дека промените што се прават кај нас, другите развиени држави веќе ги направиле.

– Европските и другите висококвалитетни образовни системи имаат направено реформи на образовниот систем за да ги земат во предвид сознанијата од последните неколку децении дека развојот на емоционалната и социјална интелигенција се исто толку важни колку и развојот на когнитивната интелигенција во одредувањето на личната благосостојба и успех во училиште како и на успехот во текот на целиот живот. Но, исто така се важни и за придонесување кон економскиот, социјален и демократски развој на нашето општество – смета Перкс.

Универзитетскиот професор, пак, Кирил Барбареев, од Факултетот за образовни науки во Штип смета дека во фаза на свесност во општеството дека се неопходни реформи во образованието, ваквиот пристап и начинот на носење на законот создава голем сомнеж за негова реална имплементација и суштинска промена.

– Сигурен сум дека во практика ќе има реални проблеми. Реформата значи да се види реална промена во училницата. И тоа или го гледате и чувствувате или не го гледате. Клучното прашање е реформата на наставниците сегашни и идни и на материјалите од кои учат и наставниците и учениците. Опремата и условите се иста така клучно прашање и тоа треба да оди паралелно. Се поставуваат прашањата: Која е целта на законот и што сакаме да постигнеме долгорочно? Постои ли пилот проект кој е започнат во некои училишта? Постои ли експериментална примена за одреден период во некои училишта? Како може оние за кои се однесува законот, оние кои треба најмногу да веруваат во новото решение, да не се тука и да не се запознаени и да реагираат? Како може да нема јавни дебати на сите факултети за наставници – прашува Барбареев.

Тој смета дека кога се носи нов закон, кој би требало да биде во заеднички интерес на подобрување на системот, и ако притоа институциите кои образуваат наставници, раководителите на институтите, професорите, наставниците, родителите, не стојат заедно со министерот кога тој ќе се објави, тогаш нешто сериозно е згрешено.

Шест пријави за врсничкo насилство од почетокот на учебната година

Секогаш постои простор за унапредување на системската поддршка и грижата за менталното здравје на учениците. Секоја генерација има свои предизвици во училиштето и надвор од него. Дел од нив...