Заканите не стивнуваат, нова дојава за бомба испратена денеска во 30 училишта

Фото: Мета.мк

Вкупно 30 основни и средни училишта од Скопје денеска добиле дојава за поставена експлозивна направа. Како што информира Министерството за внатрешни работи (МВР), објектите се евакурани. Откако антитерористички тимови направија проверки, било утврдено дека сите дојави биле лажни.

Наставата во континуитет се прекинува поради речиси секојдневните дојави за поставени бомби што ги добиваат училиштата. Во овој период треба да се формираат оценки, па честите прекини на наставните часови го отежнуваат процесот на тестирања и испрашувања. Министерството за образовани и наука наложи наставата да продолжува онлајн, но родители реагираа дека нивните деца не можат да се вклучат на „Тимс“.

Мета пишуваше за тоа, како влијаат на образовниот процес дојавите за бомби. Професорката по психологија Ники Ивановска Котевска, која предава во гимназиите „Ѓорги Димитров“ и во „Никола Карев“ рече дека во последно време имало ученици кои доаѓаат неподготвени на час (без основен прибор за работа), со објаснување дека „каде и да е, ќе има дојава“, а пак, оние ученици кои доаѓаат од подалеку, повеќе време поминуваат во градскиот превоз отколку во клупите.

„Се забележува зголемено ниво на стрес кај матурантите. Доминира фрустрирачкиот момент за самиот прекин на наставата, за разлика од ситуацијата во основните училишта, каде стресноста при евакуација е поголема, а дополнително родителите неопходно е самите да ги земат своите деца од училиште“, изјави Котевска за Мета.мк.