Зајакнати инспекциски контроли за спречување пожари на депонијата кај Добрашинци

депонија

Државниот инспекторат за животна средина информира дека, на 7 јули спроведе вонреден инспекциски надзор на депонија, лоцирана во близина на селото Добрашинци што се користи за отстранување на отпадот од Струмица. Депонијата во моментот на надзорот не била опожарена, но граѓаните од околината се жалат дека таа често гори.

Од Инспекторатот соопштуваат дека, областа зафатена со депонирање има површина од 12 хектари и е оградена, како и дека има можност за неовластен пристап, што повремено се злоупотребува за потпалување на депонијата. Поради високите температури доаѓа и до самозапалување.

„На теренот има механизација што врши прекривање со земја, а се доведува и вода за гасење од системот во состав на Водостопанство АД, што минува покрај депонијата. Јавното претпријатие се задолжи да ги зајакне контролите, редовно да проверува евентуални оштетувања на оградата и да врши почесто прекривање на отпадот со земја, а со тоа да обезбеди и уште еден багер со кој прекривањето со земја ќе се врши на поголема површина, со цел спречување на нови опожарувања“, соопштија од ДИЖС.