Захариева: Може да ја одобриме преговарачката рамка за Албанија, но не и за С. Македонија

Можеме да ја одобриме преговарачката рамка со Република Албанија, но Бугарија во оваа фаза не може да ја поддржи рамката за Северна Македонија, порача попладнево бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, по видео состанокот на Советот за општи работи на ЕУ.

Иако Советот не може да донесе одлука во овој формат, односно може да го направи тоа кога физички на едно место ќе се соберат министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, Захариева го потврди она што го кажуваше во изминативе денови – дека Македонија не ги исполнува условите од договорот со Бугарија и затоа нема да биде поддржана.

„Туку што заврши разгледувањето на точката „Проширување“. Потенцирам дека за оваа точка не може да се донесе решение на денешниот Совет. Таа беше вклучена како актуелна информација од страна на германското претседателство и се дискусија за состојбата на преговарачката рамка за Република Северна Македонија и Албанија. Ја изразив позицијата на Република Бугарија, дека ние можеме да ја одобриме преговарачката рамка со Република Албанија, бидејќи сметаме дека исполниле голем дел од условите што беа одредени во март. Бугарија во оваа фаза не може да го поддржи проектот на преговарачка рамка со Северна Македонија“, изјави попладнево Захариева, нагласувајќи дека предложената рамка не ги одразувала бугарските барања.

Инаку претседавачот со Советот, германскиот министер за Европа, Михаел Рот, пред состанокот нагласи дека Берлин опстојува на ставот Скопје и Тирана да ги почнат преговорите до крајот на годинава, а дека проширувањето не смее да биде заложник на билатералните прашања.