Загубите на вода за пиење и лани над 60 отсто, во некои општини достигнува и до 92 отсто [инфографик]

Фото: Luis Tosta on Unsplash

Проблемот со загубите на вода за пиење во Македонија и понатаму е горливо прашање за општинските власти. Процентот на неприходувана вода и во 2021 година изнесувал над 60 отсто, во услови на сè поголемо влијание на климатските промени во земјава. Иако се бележи намалување на национално ниво од 1,48 отсто на процентот на неприходувана вода, сепак и лани имало општини во кои загубите на вода за пиење изнесувале неверојатни 92 отсто од вкупното количество што е произведено во водоводните системи, се наведува во Годишниот извештај за работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) за 2021 година.

Под притисокот на медиумите, кампањите за штедење на водата за пиење и инвестициите во некои општини во водоводната инфраструктура, процентот на неприходувана вода во земјава бележи намалување од година во година. Од 67,55 отсто во 2018 година, овој негативен процент опаднал на 60,46 отсто во 2021 година.

Сепак, Мета.мк веќе правеше споредба со загубите на питка вода со другите европски земји, при што анализата покажа дека неприходувана вода од 60 отсто е енормно расфрлање со водата за пиење како ресурс од животно значење.

„Генерално, на ниво на државата инфраструктурата се наоѓа во лоша состојба и губитоците на вода се на високо ниво. Не смее да се игнорира проблемот со губитоците и да се остава со години да се губи вода во системот во услови на климатски промени. Голема улога има фактот што губитокот на водата се однесува на вкупно влезената вода во системот за водоснабдување која количина со годините варира. Доколку не се врши контрола и мониторинг на тие количини, тогаш ќе дојдеме до ситуација во која секоја година трошиме но и губиме се повеќе вода“, објасни неодамна за Мета.мк Евгенија Крстевска, адвокатка специјализирана за заштита на водите.

Податоците на РКЕВУ покажуваат дека лани во земјава биле произведени 241.535.966 метри кубни вода во водоводните системи. Количеството на вода на влез во системите за водоснабдување бележи намалување од 6,96 отсто, додека процентот на фактурирана вода се зголемува од 38,06 отсто во 2020 година, на 39,54 отсто во 2021 година.

Рестрикции на вода за пиење во некои општини, рушиме европски рекорди во загуби на вода [инфографик]

Сепак, бројките на национално ниво посочуваат на огромни разлики во процентот на неприходувана вода за пиење во одделни региони. Неславни „шампиони“ во загуби на водата за пиење се општините од Североисточниот регион со процент на неприходувана вода од фантастични 74,15 отсто, по што следуваат локалните самоуправи од Полошкиот регион (73,4 отсто) и од Источниот регион (68,57 отсто). Наспроти ваквите неславни бројки, процентот на неприходувана вода во општините од Пелагонискиот регион лани бил сведен на 48,84 отсто.

Огромните разлики меѓу регионите посочуваат на фактот дека секоја одделна општина ќе мора самата да преземе конкретни чекори за да ги намали загубите на вода за пиење во водоводните системи, а што на крајот ќе го подобри и перформансот на национално ниво.

Конкретните мерки што треба да се преземат од локалните јавни претпријатија и општинските власти се веќе неколку пати повторени од експертите во изјави на Мета.мк. Најпрво, потребен е редовниот мониторинг и лоцирање на губитоците на вода во водоводните системи, заедно со навремената санација на дефектите и инвестиции во водоводната мрежа. Инвестирањето во нови водомери и прецизно мерење на потрошувачката на вода треба да следи паралелно со континуираниот притисок за искоренување на дивите приклучоци на водоводната мрежа.

Конечно, општините треба да вршат редовна контрола на користењето на питката вода за други намени, првенствено преку искоренување на потрошувачката на питка вода за миење на улиците, за работење на фонтаните и за полевање на уличното зеленило во градовите.

Мета.мк веќе пишуваше дека процентот на неприходувана вода за пиење е особено значаен за Скопје, кој како главен град најмногу произведува вода за пиење на годишно ниво, но и најголеми количества на питка вода губи во водоводниот систем. Процентот на неприходувана вода кај ЈП „Водовод и канализација“-Скопје лани бил околу 60 отсто и е речиси идентичен со податокот на национално ниво, но всушност вкупното количество на изгубена питка вода и понатаму е алармантно.

Годишниот извештај за работењето на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје покажува дека количеството на нефактурирана вода за пиење во 2021 година изнесувала 61.481.274 метри кубни вода, што е еквивалентно на годишните потреби за вода за пиење на неколку македонски градови.

Огромните загуби на водата за пиење во водоводните системи во земјава лани беа нотирани и во Извештајот за реформскиот напредок на земјава за 2021 година изработен од Европската Комисија (ЕК). ЕУ побара од властите во земјава да вложат дополнителен напор во намалување на процентот на неприходувана вода на национално ниво.

Инаку, според насоките на Меѓународната асоцијација на води, прифатлив процент на загуби на вода за пиење во водоводните системи треба да е под 30 проценти, односно двојно помалку од актуелниот процент на неприходувана вода која Македонија го има на национално ниво.