Фото: Nicolas Comte, Unsplash

Процентот на неприходувана вода за пиење во главниот град останува горлив проблем, кој не бил надминат лани. Во 2020 година била евидентирана загуба на вода во скопскиот водоводен систем од 60,46 отсто, што претставува минимално намалување во споредба со 2019 година, покажуваат податоците на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

„Согласно податоците на ЈП Водовод и канализација Скопје, во 2020 година се произведени 100.619.832 метри кубни вода од системот на ЈП Водовод и канализација Скопје. Само 39.782.422 метри кубни вода се фактурирани од корисниците, додека останатите 60.837.410 метри кубни вода е количина што е евидентирана како загуба на вода во системот“, велат за „Мета.мк“ од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Во огромниот процент на неприходувана вода влегува нефактурираната легална потрошувачка на вода за пиење (полевање на јавни површини, вода за фонтани, јавни тоалети и слично), физичките губитоци на вода како последица на пукнатини на цевки и дотраеност на инфраструктурата, диви приклучоци, но и неточност на водомерите и грешки при ракување со податоците.

Податоците покажуваат дека нерационалното управување со водата за пиење во Скопје е состојба која што трае подолг период наназад, а изминативе години е забележано минимално подобрување на состојбата. Па така, во 2018 година процентот на неприходувана вода изнесувал 62,93 отсто, додека загубите на вода за пиење во системот биле намалени на 62,38 отсто во текот на 2019 година.

Со ваквите проценти, скопското водоводно претпријатие е блиску до националниот просек што го постигнуваат на годишно ниво македонските општини. Сепак, количеството на вода за пиење што во метри кубни се губи во 12 месеци во главниот град е убедливо највисоко, во споредба со останатите градови.

Од ЈП Водовод и канализација – Скопје велат дека лани спровеле неколку акции за отстранување на диви приклучоци по дојава на корисници и забележани лица од страна на нивните екипи. За Одделението за откривање на скриени дефекти, набавено било ново возило со специјализирана опрема за детектирање на дефекти. Исто така, во 2020 година ЈП Водовод и канализација – Скопје започнало проект за намалување за загубите на вода, зголемена енергетска ефикасност и борба со климатските промени, кој се изведува во соработка со Водоводот од Будимпешта, а е финансиран преку грант од WBGC. Тие дополнуваат дека тековно и редовно спроведуваат кампањи за поткревање на јавната свест за заштита на водоснабдителниот и канализацискиот систем.

„Мета.мк“ повеќе од една година пишува за загрижувачките податоци за процентот на неприходувана вода за пиење во Македонија, земја која што во изминативе години е изложена под влијание на климатските промени, меѓу другото, изразени и преку количеството на врнежи. Според насоките на Меѓународната асоцијација на води, прифатлив процент на загуби на вода за пиење во водоводните системи треба да е под 30 проценти.