Загрижувачки податоци за опресија и дискриминација презентирани на Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата

Фото: Делегација на Европската Унија

Коалиција Маргини на дебатата за одбележување на Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата (IDAHOT) што вчера се одржа во резиденцијата на ЕУ на која во присуство на шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, првата дама, г-ѓа Елизабета Ѓорѓиевска и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнз го презентираше извештајот „Секојдневниот и емоционалниот живот на неправдата: Дискриминација, здравје и релации“.

Резултатите на ова истажување покажуваат дека кај сите маргинализирани групи обесхрабрувањето се пројавува и преку ограничувањата на можноста да практикуваат моќ или да учествуваат во процесите на носење одлуки на работното место и во пошироките општествени институции и дискурсите на јавната сфера.

Дополнително загрижувачки е и пристуството на културната и симболичка доминација и насилството, како физичкото така и вербалното и психолошкото, кои се клучни форми на опресија што ги гледаме во искуствата на лезбејките, геј-мажите и бисексуалците (ЛГБ).

Исто така, стереотипизацијата и стигмата со коишто се обележани ЛГБ животите, според истражувањето, претставуваат посебни форми на психолошка опресија и отуѓување, а со кои деградирачките, дехуманизирачки и извртени слики за ЛГБ луѓето се одразуваат низ целокупниот приватен и јавен живот на патријархалната и хетеронормативна култура.

„Различните форми на насилство, најчесто отелотворени во вербалното насилство и агресија, претставуваат недвосмислена форма на дискриминација и вознемирување со кои се врши „повреда на достоинството“, се создава „заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика“, и се „поттикнува и охрабрува“ извршувањето на „дискриминација врз дискриминаторска основа“ што има за резултат спречување, ограничување, и непризнавање на правата, еднаквоста и достоинството на ЛГБ луѓето“, се вели во истражувањето.

Уште еден од загрижувачките проблеми кои истражувањето ги идентификува како специфични за ЛГБТИ луѓето е (не)сензитивноста кон прашањата поврзани со сексуалното здравје, односно недостатокот на соодветни здравствени услуги.

Осврнувајќи се на овие презентирани факти, за време на дискусијата на која се опфатија и теми поврзани со законот за правно признавање на родот и (не)реагирањето на институциите во однос на препораките од телата за човекови права, евроамбасадорот Гир ја искористи оваа важна прилика да ја нагласи посветеноста на ЕУ кон принципот на универзалност на човековите права.

Тој потврди дека никој не може да се повикува на културните, традиционалните или религиозните вредности за да оправда каква било форма на дискриминација, вклучително и дискриминација на ЛГБТИ лицата.

Амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, изјави дека Соединетите Држави се меѓу светските лидери во унапредување на правата на ЛГБТИК+ поединците и дека чест им е што заедно со партнерите во Северна Македонија и ЕУ можат да обезбедат проширување на можностите и минимизирање и елиминирање на вознемирувањето и предрасудите.

„Верувам дека недвосмислената посветеност на основните човекови права, самоопределувањето и вклучувањето на ЛГБТИК+ луѓето може да биде дел од важната работа што претстои“, рече амбасадорката Брнз.

Првата дамa, г-ѓа Елизабета Ѓорѓиевска порача дека е потребно сите заеднички да работиме на унапредување на правата на секоја заедница, а особено кога станува збор за ранливите заедници.

„Еднаквоста во уживањето на основните права, пристапот до правдата, социјалната и здравствената заштита, еднаквите можности при образование и вработување се потребни, за да овозможиме секој член на нашата заедница, без разлика на сексуалната ориентација и родовиот идентитет да има предвидлива и стабилна иднина“, рече Ѓорѓиевска.