fbpx

Загриженост за нуклеарната безбедност по гранатирањето на украинската нуклеарна централа Запорожје

-

Меѓународната агенција за атомска енергија повика на итен прекин на секоја воена акција во близина на украинската нуклеарна централа Запорожје, предупредувајќи на многу реален ризик од нуклеарна катастрофа, јавува „Би-би-си“.

Шефот на агенцијата, Рафаел Маријано Гроси, рече дека е крајно загрижен од извештаите за гранатирање на оваа нуклеарна електрана, која е најголема од ваков вид во Европа.

Реакцијата доаѓа откако Украина соопшти дека делови од нуклеарната централа Запорожје биле сериозно оштетени од руските воени напади. „Укринформ“ вчера објави дека украинското разузнавање го потврдило минирањето на нуклеарната централа.

„Меѓународната агенција за атомска енергија, Обединетите нации  и сите други тела не ја контролираат ситуацијата во нуклеарната централа Запорожје. Уште повеќе, беа спроведени и објавени меѓународни истраги кои јасно покажаа како Русите транспортираат оружје, опрема и експлозиви на територијата на енергетските единици. Има потврдени информации дека руските окупаторски сили поставиле мини на енергетските единици на нуклеарната централа во Енерходар“, изјавил Андриј Јусов, претставник на прес-службата на главниот директорат за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина, пренесе „Укринформ“.

Како што беше соопштено, руските трупи на 5 август два пати пукале кон нуклеарната централа Запорожје, при што биле регистрирани три еклплозии, а била погодена високонапонска комуникациска линија. Во вечерните часови, централата била гранатирана по втор пат, при што биле забележани три удари.

Според податоците на Енергоатом, украинското државно претпријатие кое управува со сите четири нуклеарни централи во земјата, вчера нуклеарната централа Запорожје работела со ризик од прекршување на прописите за заштита од радијација и пожари, а според „Укринформ“, сè уште постојат ризици од истекување на водород и прскање на радиоактивни материи.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва за нападот, нарекувајќи ги нападите „дрско злосторство“ и „чин на терор“.

САД ја обвинија Русија дека користи „нуклеарен штит“, додека руското Министерство за одбрана ги обвини уркаинските сили за гранатирање на централата, велејќи дека истекувањето на радијацијата било избегнато само „на среќа“.

Според „Си-ен-ен“, нуклеарната централа Запорожје е под контрола на руските сили од почетокот на март, исто како и градот Енерходар, каде е сместена електраната.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Почина Велибор Џаровски – Џаро

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија. Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза...