fbpx

Загинати цивили во Одеса, Запорижја и Херсон како последица на руските напади

Русија врши напади со различните оружја со кои располага врз територии на кои се наоѓа украинската војска пред најавената контраофанзива на Украина

-

Најмалку пет цивили загинаа како последица на руските напади врз украинските населени места изминатово деноноќие. Во приморскиот град Одеса била погодена индустриска инфраструктура, при што еден цивил загинал а двајца се повредени, јавува Укринформ.

68-годишен жител на градот Хулијаполе во регионот Запорижја загинал како последица на руското гранатирање, додека во Степнохирск тројца цивили биле повредени. Во овој украински регион за 24 часа биле извршени 90 ракетни напади врз 16 населени места, а оштетени или уништени се 31 објект, пренесува Укринформ.

Најмалку осум лица, биле убиени, вклучително и петгодишно момче во Херсонскиот регион, а 17 биле повредени во вчерашните гранатирања, пишува Би-би-си. Украинската и руската страна меѓусебно се обвинуваат за напади врз цивилни области. Украина тврди дека Русија испалила 529 проектили вчерашниот ден врз населени места во овој регион, при што загинале тројца цивили.

И главниот град Кијив утрово, по деветти пат месецов, беше нападнат од воздух од страна на Русија. Украинските власти тврдат дека испалените ракети ги уништила нивната противвоздушна одбрана, но остатоци од ракетите паднале во две населби во Кијив. Украинските воздухопловни сили соопштија дека успеале да соборат 29 од вкупно 30 проектили што биле лансирани во текот на ноќта од Русија.

Украина тврди дека во синоќешните напади биле користени дронови-камикази, но и ракети испалени од руски бомбардери од Каспиското море. Претходно, украинските власти во вторникот соопштија дека успеале да соборат шест хиперсонични проектили „Кинжал“.

Западните власти, како што пренесува Би-би-си, посочуваат дека Украина внимателно се подготвува да изврши огромен напад врз руските сили лоцирани на нејзините окупирани територии. Украинската војска е во зголемена борбена готовност, вклучително и способноста за распоредување на тенкови, борбени возила и инженери, како и за расчистување мини, изведување на понтонски мостови за премин на реки и оспособување за гаѓање на цели со долг дострел.

Западните извори тврдат дека организацијата на руската војска е во лоша состојба, но и предупредија дека одбранбените линии на Москва што се поставени во Украина се „потенцијално застрашувачки“ и чувани со „обемни мински полиња“.

Официјалните лица тврдат дека успехот на секоја украинска офанзива треба да се мери не само со територијалните придобивки, туку и со тоа дали таа го убедила рускиот претседател Владимир Путин да ја преиспита својата стратегија.

„Когнитивниот ефект врз Кремљ“, тврдат западните извори за Би-би-си, е поважен од украинските сили што се пробиваат низ руските линии сè до границата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...