Фото: ukrinform.net

Според Главното јавно обвинителство на Украина, од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, загинале најмалку 339 деца, а 614 се повредени, пренесува украинската државна новинска агенција ukrinform.net.

Во последното деноноќие, борбените дејствија продолжуваат, а по ракетниот напад на главниот град Кијив вчера наутро, утрово е извршен ракетен напад близу Одеса, главното украинско пристаниште на Црното Море, при што има повредени шестмина цивили, од кои едно дете. Продолжија и борбените дејствија кај градот Лисичанск, на истокот на земјата.

„Повеќе од 953 деца станале жртви во Украина како резултат на големата оружена агресија од Руската Федерација. До утрото на 27 јуни 2022, бројката на загинати деца во изминатото деноноќие не е променета – 339. Бројката на повредените деца порасна на 614“, се вели во соопштението од Главното јавно обвинителство на Украина.

Вкупно 2.061 образовни институции се оштетени од почетотот на агресија, а 213 се целосно уништени.

Според Генералштабот на Украинските вооружени сили (УВС), од почетокот на руската агресија на 24 февруари годинава до утрово, УВС убиле околу 35.000 руски војници, од кои 150 само во текот на изминатиот ден, пренесува ukrinform.net.

Украинската одбрана, притоа, уништила 1.552 тенка, 3.687 оклопни борбени возила, 771 артилериски систем, 243 повеќецевни ракетни лансери, 101 систем за противвоздушна одбрана (ПВО), 217 воени авиони, 184 хеликоптери, 636 беспилотни летала, 139 крстосувачки ракети, 14 воени бродови/чамци, 2.575 други возила и камиони-цистерни и 60 парчиња специјална опрема.

И утрово, како и претходните два дена, руските трупи поддржани од артилерија се обидуваат да го блокираат градот Лисичанск, чиј град-близнак (Сиеверодонецк) од другата страна на реката Сивериски Донец, од завчера попладне е под целосна контрола на руските сили.

Руските сили гранатираат цивилна и воена инфраструктура во Лисичанск, но и во три други области, а авионски напади се извршени близу Лисичанск.

Според ukrinform.net, извршено е и ракетирање со воени бомбардери Ту-22М во реонот на Одеса, при што, според досегашните сознаија, се погодени куќи и придружни објекти во едно село и е предизвикан пожар на територија од 500 квадратни метри. Повредени се шестмина граѓани, од кои едно дете.

Напишете коментар

Внесете го вашиот коментар
Please enter your name here