Загадувањето на воздухот повторно алармантно, нема реакција од институциите

Аерозагадувањето во Скопје. Фото: Архива на Мета.мк

Во првите денови од 2022 година, аерозагадувањето во земјава достигнува загрижувачки нивоа, но изостанува реакција на институциите. Веќе втор ден по ред, мерната станица во скопско Лисиче и Струмица е регистрирано присуство на ПМ-10 честички во воздухот над прагот за алармирање, но нема реакција од институциите.

Според измерените податоци од мерните станици со кои управува Министерството за животна средина и просторно планирање, концентрацијата на ПМ-10 честички во Лисиче вчера изнесувало 198,8 микрограми на метар кубен, додека завчера на истата локација биле измерени 164,3 микрограми на метар кубен.

Ваквите средно дневни концентрации на ПМ-10 честичките во воздухот треба да бидат обврска за институциите за да се вклучи прагот на алармирање на граѓаните и да се преземат мерки. Но, наместо мерки, во текот на вчерашната вечер низ Скопје масовно се организираа коледарски огнови и се палеа дрва, а државните власти и локалните самоуправи не реагираа.

Покрај во Лисиче, вчера и на мерната станица во Центар биле измерени ПМ-10 честички во вредност од 161,1 микрограми на метар кубен, односно над дефинираниот праг на алармирање од 150 микрограми на кубен метар. На другите мерни станици низ Скопје не беа надминати праговите за алармирање на граѓаните, но затоа максимално дозволената концентрација од 50 микрограми на метар кубен на ПМ-10 честички беше надмината.

Слично на Скопје е и во Струмица, каде веќе три дена по ред средно дневната концентација на ПМ-10 честички во воздухот е на алармантно ниво од над 150 микрограми на метар кубен. На 4 јануари, присуството на овие честички во воздухот достигна просек од 222,6 микрограми на метар кубен.

Не е подобра ситуацијата ниту во Тетово изминативе денови, каде надминување на прагот на алармирање беше регистриран на 3 и 4 јануари, додека вчера беа измерени 146,1 микрограми на метар кубен.

Од граѓанската 02 иницијатива денеска повторно излегоа со апел до институциите, како државните, така и локалните, да реагираат бидејќи празничниов период се надминати праговите на информирање и алармирање за ПМ-10 честички во многу општини.

„Потребно е да се информираат граѓаните за здравствените ефекти од вдишување суспендирани честички кои се јасно документирани и истите се однесуваат на краткорочно (часови, денови) и долгорочно (месеци, години) изложување“, потенцираат од 02 иницијатива.

Тие бараат реакција од Институтот за јавно здравје и од Министерството за здравство за ограничување на движењето и активностите на отворен простор на најранливата популација.

02 иницијатива бара и од градочалниците и општините да преземат мерки за ограничување на сообраќајот, намалување на капацитетот на производство на одредени инсталации што придонесуваат за квалитетот на воздухот и на серија од други активности кои ќе влијаат врз намалување на аерозагадувањето.