Загадувањето на воздухот изминативе денови не е од индустријата, велат од Инспекторатот за животна средина

Аерозагадувањето во Скопје. Фото: Архива на Мета.мк

Нема загадување на воздухот од големите индустиски капацитети, информираше денеска на прес конференција директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски. Инспекторите направиле контроли во повеќе индустриски капацитети, меѓу кои и „Макстил“, Цементарницата „Усје“, во депонијата „Дрисла“ и во големите енергетски компании, каде констатирале дека нема отстапувања на емисиите од дозволените вредности. Повеќето од овие компании имале и сопствен 24 часовен мониторинг на емисиите, според кој немало отстапувања.

Месецов, посочи, биле направени вкупно 155 инспекциски надзори, од кои се уште е актуелен тој во рудникот „Булмак“ во Пробиштип каде беше констатирано дека истекува јаловина. Инспекторите покренале постапка во која компанијата може да добие казна до 100.000 евра. Стојковски информира и дека министерството за финансии одобрило нови вработувања во оваа институција и дека годинава ќе се вработат три инспектори и три административци.

„Со систематизацијата е предвидено Инспекторатот да има 41 инспектор, а има само 20. Ни требаат нови но годинава ќе добиеме само тројца помлади инспектори, двајца за води и еден за природа. И за 2023 година ќе бараме нови, бидејќи и тие што ги имаме во моментов во следните две до три години ќе треба да се пензионираат па ќе им треба време да ги обучат помладите колеги“, вели Стојковски.

Идната година Инспекторатот ќе воведе и е-инспектор, а заедно со Институтот за комуникациски студии во тек е изработка на интерактивната мапа која ќе ги содржи сите податоците за инсталациите кои имаат А и Б интегртирани дозволи или елаборати за кои ќе има и информации и за извршените инспекции.