Реката Црн Дрим и нејзините притоки во Северна Македонија се соочуваат со бројни проблеми, почнувајќи од хемиското загадување па се до создавањето на депонии околу коритото на реката, за кои граѓаните сметаат дека може да им наштетат на нивното здравје. Но, и покрај тоа што граѓаните се жалат на овие проблеми, институциите се фалат дека квалитетот на водата е добар и дека работат во оваа насока, пишува Порталб.мк.
Црн Дрим извира од Охридското Езеро и има една вкупна должина од 149 километри, а во Северна Македонија реката е долга 56 километри.
Од Охрид патува до Струга и понатаму продолжува во Дебар, од таму преминува на територијата на Република Албанија, каде потоа се соединува на Бел Дрим, формирајќи една единствена река Дрим која се влева во Јадранското Море.
Во РСМ течението на реката е прекинато со две вештачки езера (Дебарското Езеро и Глобочица), кои служат за производство на електрична енергија. Но, во своето течение реката се соочува со бројни проблеми.
Граѓаните во мака: Загадувањето влијае врз нашите животи
Порталб.мк лани во ноември разговараше со граѓаните за загадувањето на реката Црн Дрим и какво влијание има тоа врз нивните животи. Реката, како што велат граѓаните, е важен извор на вода за пиење, се користи за наводнување на земјоделските површини, а важна е и за рекреација и туризам.
Меѓутоа, според нив, оваа река има многу проблеми со загадувањето, кое велат дека влијае на нивното здравје и предизвикува непријатна миризба низ целата околина.
Граѓаните велат дека реката ја загадуваат и фабриките кои испуштаат штетни материи во реката. Водите на Црн Дрим се живеалиште на голем број на риби како крап, пастрмка, јагули и други. Но, поради загадувањето, граѓаните велат дека популацијата на риби и други животински видови е во опаѓање, а вегетацијата покрај бреговите на реката е оштетена или уништена.
Според нив, проблематични се дивите депонии во близина на реката, кои ги ствараат локалните жители и бизнисите или компаниите, кои не се грижат за природата и реката.
„Главниот индиректен загадувач на реката Црн Дрим е градската депонија, станува збор за една дива депонија која се наоѓа многу блиску до течението на реката. А и загадувањето од езерото се влева во реката. Загадувањето кое доаѓа од езерото невозможно е да се контролира“, вели една жителка на Струга.
За решавање на овој проблем тие предлагаат: Поголема вклученост на властите, повисоки казни за загадувачите и подобро управување со отпадот. Граѓаните се поделени по ова прашање, едни велат дека слушнале за инвестиции во пречистителни станици од фондовите на ЕУ во овој регион, а други немаат никакви информации околу ова.
Потребна е итна реакција
Ндерим Положани е еколошки активист од Струга, кој рече дека алармантната состојба на реката Црн Дрим бара итен и одлучен одговор. Според него, во реката неконтролирано се испушта канализација и отпад од домаќинствата со што се уништува целиот екосистем.
„Оваа ситуација не е само еколошки проблем, туку директна закана за јавното здравје и квалитетот на животот во регионот. Релевантните институции не преземаат доволно чекори за решавање на овој критичен проблем. Риболовот во овие услови треба веднаш да се прекине, бидејќи рибите кои се одгледуваат во оваа токсична средина претставуваат голем ризик за здравјето на луѓето“, вели Положани.
Тој додаде дека загадувањето на водата создава опасен синџир кој води до контаминација на почвата и растенијата, предизвикувајќи неизлечиви болести и загрозувајќи го здравјето на идните генерации.
„Потребна е итна интервенција од институциите за да се запре загадувањето, да се заштити биодиверзитетот и да се гарантира здрава животна средина за жителите покрај реката Црн Дрим. Ако сега не се преземат мерки, последиците ќе бидат катастрофални, како уништување на природните ресурси и загрозување на здравјето на илјадници луѓе“, вели Положани.
Еко активистот од Дебар, Шуип Марку, нагласува дека главна загриженост во однос на басенот на реката Црн Дрим е загадувањето кое се создава од вишокот на отпадни материи (отпадни води од домаќинствата и индустриите), загадување што доведува до намалување на содржината на кислород во водата со негативни последици за еколошки значајните видови, како и од индустрискиот и комуналниот отпад од рудниците.
„Друг проблем е природната променливост на хидролошкиот режим што се јавува како резултат на климатската варијабилност, а во некои подбасени поради сезонската прекумерна експлоатација на водните ресурси и производството на електрична енергија од страна на хидроцентралите, што влијае на количината на вода достапна за екосистемот и социо-економскиот развој“, вели Марку.
Тој истакнува дека важноста на биодиверзитетот на реката Црн Дрим е висока, иако е под голем притисок поради бројните закани врз екосистемите на сливот од загадувањето, промените во количеството на водата, разните видови, губењето на мрестилиштата, нелегалните активности и климатскате варијабилност и промените. „Променливоста на режимот на транспорт на седиментот, кој е под влијание на природните настани (на пример, врнежите), климатската варијабилност и климатските промени (како што се зголемените екстремни временски настани, дождливите периоди и сушите) и антропогените влијанија од ископувањето на песокот, сечата на дрвјата, уништувањето на шумите, лошото управување со користењето на земјиштето и производство на хидроенергија“, нагласува Марку.
Загадувањето на реките е казниво дело
Кривичните дела против животната средина и природата според Кривичниот законик на Република Северна Македонија се опфатени во членот 218 „Загадување на животната средина и природата“, каде казните се движат од затвор од три до десет години, па се до парични казни во зависност од околностите на извршувањето на делото.
Членот 223 предвидува и „Загадување на добиточната храна или водата“, за што се изрекуваат парични казни или затвор до три години. Дека загадувањето на реката Црн Дрим е реалност, потврдуваат и податоците од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР велат дека од 2020 до 2024 година во Секторот за внатрешни работи Струга се пријавени кривични дела за што се преземени соодветни мерки и дејствија.
Во Секторот за внатрешни работи Струга, во петгодишниот период (2020-2024) се пријавени повеќе кривични дела за кои се преземени следните мерки и активности: „Во 2020 година е пријавено кривичното дело „Загадување на животната средина и природата“ предвидено во член 218 од Кривичниот законик, поради кое во изминатиот период значително е намалена количината на вода во течението на реката Црн Дрим, со што е уништена флората и фауната, а воедно е загрозено и здравјето на луѓето.
По пријавата од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга, поднесено е барање до Општина Струга – Инспекторат за животна средина за инспекциски надзор од нивна страна.
Во 2021 година е пријавено кривично дело „Загадување на животната средина и природата“ предвидено во член 218 од Кривичниот законик, поради кое во изминатиот период значително е намалена количината на вода во течението на реката Црн Дрим, со што е уништен растителниот и животинскиот свет, а претставува и ризик по здравјето на населението. Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга го известила Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Општина Струга – Инспекторат за животна средина и на 27.09.2021 година и 06.12.2021 година доставени се известувања до Основното јавно обвинителство во Струга.
Во 2024 година е пријавено кривичното дело „Загадување на животната средина и природата“ предвидено во член 218 од Кривичниот законик, во периодот од 23.06.2024 година до 04.07.2024 година поради падот на нивото водата на реката Црн Дрим и чистењето на коритото предизвикано е оштетување и сушење на речното корито на реката што довело до оштетување на животинскиот и растителниот свет во реката. Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга го известила Државниот инспекторат за животна средина, општина Струга – Инспекторат за животна средина и на 08.07.2024 година е доставено известување до Основното јавно обвинителство во Струга“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Од Основното јавно обвинителство соопштија дека не водат посебна евиденција за случаите според локацијата каде е сторено можно кривично дело.
„Пребарувањето на предметите во Основното јавно обвинителство Струга според критериумот што го давате не даде резултати кои целосно се совпаѓаат со наведените случаи“, велат од Основното јавно обвинителство.
Општините се правдаат
Реката Црн Дрим минува низ територијата на неколку големи општини во државата. Од општина Охрид велат дека како општина „немаат никакви надлежности што се однесува до ова прашање“.
„Ви предлагаме да се обратите во општина Струга“, ни рекоа од Општина Охрид.
И покрај тоа што многубројните мостови што ги поврзуваат двата брега на реката Црн Дрим на Струга и го даваат епитетот „Град на мостовите“, од Општина Струга не одговорија на нашите новинарски прашања.
А од општина Дебар велат дека како општина сериозно се занимаваат со овој проблем, како приоритетен еколошки проблем. Ноли Османи од Општина Дебар ни изјави дека општинскиот инспекторат до сега не идентификувал загадувачи на реките, а со тоа и не изрекол и никаква казна. Тој нагласи дека важен приоритет е и третманот на отпадните води, кој вклучува изградба на канализациона мрежа и соодветни центри за третман на отпадните води.
„Споменатите центри претставуваат голема, недостижна инвестиција за буџетот на локалната самоуправа, но Министерството за животна средина и просторно планирање ја вклучи Општина Дебар во листата на општини во кои што е предвидено проектирање и изградба на вакви станици. Се надеваме дека во најбрз можен рок ќе бидеме ставени на листата за реализација на проектот“, рече Ноли Османи.
За проблемите со загадувањето е свосно и Министерството за земјоделство
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека загадувањето на реката Црн Дрим е важен еколошки проблем кој што тие будно го следат.
„Свесни сме за предизвиците кои влијаат на квалитетот на водата, кое директно влијание врз животната средина, земјоделството и благосостојбата на граѓаните. Во оваа насока, Министерството презема мерки и изготвува конкретни планови и проекти за подобрување на состојбата со реките и водните ресурси во државата“, соопштија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Оттаму нагласија дека планираат да ги зголемат активностите со нови проекти за едукација и поддршка на земјоделците за одржливи практики кои ќе придонесат за намалување на загадувањето.
Институциите тврдат дека квалитетот на водата е добар
Во рамките на Одделот за води при Министерството за животна средина и просторно планирање, постои посебен оддел надлежен за управување со сливното подрачје на реката Црн Дрим. Во таа насока, изготвени се повеќе стратешки документи, а за мерките и активностите од овие документи се одговорни повеќе државни институции како и засегнатите општини во регионот (Струга и Дебар).
„Според последниот годишен извештај за 2023 година за квалитетот на животната средина во Република Северна Македонија, подготвен од Македонскиот информативен центар за животна средина во 2024 година, водата на реката Црн Дрим има добар еколошки статус“, соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање.
За заштита на квалитетот на водата во Охридското Езеро, вклучително и реката Црн Дрим, односно за прочистување на отпадните води, од 1988 година во село Враништа во Струга постои пречистителна станица.
Во рамките на проектниот документ на RIMSYS „Систем за мониторирање на реките во Македонија“ во 1999 година беше извршено проектирање на мрежа на станици за мерење и следење на квалитетот на површинските води во земјата. При тоа се утврдени 20 мерни места кои ги опфаќаат бреговите на неколку реки меѓу кои и на реката Црн Дрим.
Од проектниот документ RIMSYS, во сливното подрачје на реката Црн Дрим има две мерни места ХЕЦ Шпиље – на реката Црн Дрим и Бошков Мост – на реката Радика (притока на реката Црн Дрим).
Според степенот на чистота, површинските и подземните води во РСМ се поделени во пет класи, од многу чисти до многу загадени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи објаснија дека квалитетот на површинските водни тела според физичко-хемиските показатели на мерните места Шпиље и Бошков Мост во сливното подрачје на реката Црн Дрим во 2019, 2020, 2022 и 2023 година е добар.
„Во 2021 година во однос на физичко-хемиските показатели има промена на статусот на мерното место Шпиље каде што имаме задоволителен статус, а на мерното место Бошков мост лоша состојба на водата“, рекоа од Управата за хидрометеоролошки работи.
Оттаму додадоа дека квалитетот на површинските водни тела според хемиските показатели, на мерните места Шпиље и Бошков, во периодот 2019-2023 година, покажуваат за добра состојба на водата.
„Еколошкиот статус на површинските водни тела според биолошките елементи за квалитетот на водата, на мерните места Шпиље и Бошков Мост во сливното подрачје на реката Црн Дрим, покажуваат за еден добар статус во 2019 година, 2020 година. Во 2021 година има влошување на квалитетот на водата на мерното место Шпиље, додека пак на мерното место Бошков Мост имаме задоволителна состојба. Во 2022 година има подобрување на квалитетот на водата, така што во 2023 година на мерното место во Шпиље повторно имаме добра еколошка состојба (Г), односно подобрен квалитет на водата според биолошките индикатори“, велат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Оттаму додаваат дека еколошката состојба на водните тела се менува во текот на годината, бидејќи во пролетните месеци, кога има обилни врнежи и поголем проток на вода поради топењето на снегот од планините и водата од помалите реки, водните тела имаат подобра еколошка состојба, а во летните и есенските месеци кога нивото на водата е пониско, како и поради негативното влијание на земјоделските активности состојбата е полоша. така што во 2023 година на мерното место во Шпиље повторно имаме добра еколошка состојба (Г), односно подобрен квалитет на водата според биолошките индикатори“, велат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Оттаму додаваат дека еколошката состојба на водните тела се менува во текот на годината, бидејќи во пролетните месеци, кога има обилни врнежи и поголем проток на вода поради топењето на снегот од планините и водата од помалите реки, водните тела имаат подобра еколошка состојба, а во летните и есенските месеци кога нивото на водата е пониско, како и поради негативното влијание на земјоделските активности состојбата е полоша.
Од Институтот за јавно здравје не можеа да ни дадат никакви податоци.
„За бараните податоци за квалитетот на реката Црн Дрим потребно е да се обратите до Регионалниот центар за јавно здравје Охрид кој е надлежен за испитување на квалитетот на водите што територијално и административно ги покрива. Институтот за јавно здравје не ги испитува површинските води на реката Црн Дрим, ниту пак добива податоци за нејзиниот квалитет од Центарот за јавно здравје Охрид“, рекоа од Институтот за јавно здравје.
Но, и од Центарот за јавно здравје не одговорија на нашите новинарски прашања. Статистички податоци за загадувањето на реката Црн Дрим немаат ни во Државниот завод за статистика.
Оттаму информираа дека имаат само податоци за процентот на непречистени отпадни води во земјава, кои се собрани од две статистички истражувања.
„Процентот на непречистени отпадни води во 2023 година е 72,2%, овој процент се однесува на количината на вода што ја испуштаат домаќинствата, индустријата и другите корисници. Процентот на непречистени отпадни води во 2023 година изнесува 88 отсто, овој процент се однесува на количината на вода што ја испушта само индустријата (Рудници и каменоломи, преработувачка индустрија и снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација)“, соопштија од Државниот завод за статистика.
Потсетуваме дека Република Северна Македонија доби критики за областа на животната средина, конкретно за управување со водите и во Извештајот на Европската Комисија за 2024 година за патот на РСМ кон Европската унија.
