fbpx

Загадувањето на воздухот е само еден од многубрoјните проблеми во животната средина

-

Во нашата земја стана тренд секоја година во текот на зимските месеци да се алармира за загадувањето на воздухот, но најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) откриваат дека тоа е само еден од многубројните проблеми во животната средина во земјава, кои не се толку „видливи“ како отровниот воздух.

Меѓу проблемите и недостатоците идентификувани преку различни проекти, студии и плански документи се недостигот од регионални интегрирани системи за управување со комунален цврст отпад и системи за управување со посебни видови отпад, вклучувајќи го и опасниот отпад.

Недоволната покриеност на населените места и општините со системи за собирање и третман на отпадни води (особено за агломерации со над 10.000 жители). Немање интегрирано управување со речен слив, во согласност со новиот Закон за водите. Контаминираност на почвата што резултира со производство на земјоделски производи со несоодветен квалитет од подрачјата со контаминираните почви.

„Постои проблем во обезбедувањето соодветно управување со природното наследство. Со исклучок на националните паркови Пелистер, Маврово и Галичица, како и некои споменици на природата, за другите објекти на природата сè уште не се номинирани субјекти за управување. Воспоставувањето одржливо финансирање на заштитените подрачја претставува голем предизвик. Постапката за ревалоризација на заштитените подрачја и за валоризација на евидентираното природно наследство е во тек, така што не е завршен целосно процесот на воспоставување на националниот систем на заштитени подрачја“, укажуваат од Државниот завод за статистика.

Оттаму додаваат дека посебен проблем што се однесува на сите медиуми на животната средина е и недоволно развиениот мониторинг-систем на животната средина, со акцент на отсуството на историски податоци врз чија основа би се утврдила точната состојба на медиумите и би се дејствувало во насока на нивно постапно ублажување и елиминирање

„По донесувањето на најголемиот број закони и подзаконски акти, усогласени со законодавството на Европската Унија, останува потребата за континуирано зајакнување на капацитетите и обезбедување механизми за мониторинг и спроведување на законите, како на национално, така и на локално ниво. Секако, не треба да се занемарат и капацитетите на останатите фактори, како невладиниот, бизнис и научниот сектор“, потенцираат од Државниот завод за статистика.

СЛАБ КАПАЦИТЕТ НА ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА

Меѓудругите детектирани пречки кои ги прават проблемите во животната средина уште поголеми се отсуството на функционална поврзаност помеѓу локалното и националното ниво што е важно од аспект на надлежностите и задачите што ги презедоа единиците на локалната самоуправа.

„Слаби се капацитетите кај единиците на локалната самоуправа, особено за управувањето со комуналниот отпад и отпадните води, воспоставувањето и одржувањето на мониторингот на медиумите и областите на животната средина, дооформувањето на националниот информативен систем за животната средина, воспоставувањето локална инспекција, спроведувањето на прописите, издавањето Б-интегрирани дозволи и дел од другите надлежности, а во согласност со барањата на ЕУ и локалните состојби“, велат од ДЗС.

Се укажува дека е потребна дополнителна обука на централната и на локалната администрација со цел да се забрза фазата на транзиција и да се обезбеди соодветна вертикална координација помеѓу органите.

„Евидентно е дека сѐ уште голем дел од надлежностите се на товар на централната администрација, но не законски, туку практично. Секако, оваа состојба е, пред сѐ, поради недостиг на локални финансиски средства за животна средина и постојаните барања за надополнување на оваа празнина од централниот буџет“, се вели во публикцаијата на Државниот завод за статистика.

МЕРКИ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА СЛАБОСТИТЕ

Оттаму препорачуваат дека треба да се применат мерки за обезбедување и јакнење на капацитетот и институционалните структури потребни за забрзан процес на идентификација, подготвување и имплементација на програми и проекти според барањата на претпристапните фондови на Европската Унија, како и достапната мултилатерална и билатерална поддршка.

„Децентрализацијата наложи идентификување бројни приоритети и акции наменети за олеснување на процесот на пренесување на надлежностите од централно на локално ниво. Се стави акцент и на зајакнувањето на регионалните и на локалните структури со кои земјава ќе се подготви за имплементација на регулативата, но и за целосно искористување на фондовите на ЕУ. Во овој контекст, мерките треба да се во насока на помош во процесот на зајакнување на децентрализираниот систем за управување со проекти, идентификување човечки ресурси потребни за подготовка и реализација на инвестициски проекти на централно и на локално ниво и зајакнување на нивните капацитети, како и формирање сектори и одделенија на централно и на локално ниво за зајакнување на секторите и одделенијата за подготовка и спроведување на инфраструктурни проекти со нови вработувања“, велат од Државниот завод за статистика.

Според нив, оперативните цели во областа на животната средина треба да бидат целосно транспонирање на законодавството на ЕУ за животна средина, подготовка на плански документи во одредена временска рамка, мерки и активности потребни за спроведување на законодавството, да се воспостави зајакната административна структура, подготвена да го обезбеди спроведувањето на законодавството и да управува со процесот на пристапување кон ЕУ.

Меѓу главните цели се и повисоко ниво на спроведување на законодавството од областа на животната средина, во согласност со барањата на ЕУ и обврските од меѓународните договори, интегрирање на заштитата на животната средина во сектори што влијаат врз животната средина, мониторинг, анализа и оцена на состојбата на животната средина и известување за состојбата, подигање на свеста за прашања од областа на животната средина, намалување на негативните ефекти од климатските промени и воспоставување систем на мерки за да се ограничат стакленичките гасови и зголемување на капацитетите за приспособување на најранливите сектори кон климатските промени.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Потпишан законот за забрана на ТикТок во САД, доколку апликацијата не биде продадена

Американскиот претседател Џо Бајден денеска го потпиша законот со кој во САД се забранува апликацијата во кинеска сопственост ТикТок, доколку не се продаде на американска компанија во рок од...