Според најновите статистики на Американската асоцијација за пулмологија, секое седмо новородено бебе ќе има мака со белите дробови како последица на глобалното аерозагадување, изјави денеска д-р Оливер Зафировски, директорот на Клиниката за пулмологија, пред свеченото доделување признанија за вработени на оваа Клиника. Покрај вработени на клиниката, на настанот присуствуваше и министерот за здравство и вицепремиер Арбен Таравари.
Зборувајќи за децата и нивната подложност да развијат болест на белите дробови, д-р Зафировски истакна дека уште во бременоста, преку мајката, децата страдаат поради аерозагадувањето.
„По новите статистики што ги има Американската асоцијација за пулмологија, секое седмо дете новородено ќе има мака со белите дробови. Нивните бели дробови се нежни и тие се почувствителни на аерозагадувањето. Најдобро е да се штитиме со маска, ако немаме маска – шал, да не се шета надвор кога има енормни загадувања“, рече Зафировски.
Како последица на аерозагадувањето тој информира дека е зголемен бројот на лица кои се прегледуваат во амбулантите на клиниката, а зголемен е и бројот на хоспитализирани пациенти.
„Пациентите кои имаат хронична опструктивна белодробна болест (ХОБ), како и оние кои имаат астма, мора да започнат со терапија уште пред да дојде аерозагадувањето. Имаме зголемен број пациенти, во зима кај нас е така. Клиниката е полна во последните неколку месеци, но иако се полни капацитетите, ниеден пациент не е вратен. Најчесто се со ХОБ, астма и други белодробни заболувања“, додаде Зафировски.
Инаку, за најдобар доктор на Клиниката беше прогласен Ирфан Исмаили, а најдобра медицинска сестра Елизабета Сајкова Ангеловска. Зафировски информираше дека во моментов имаат двајца доктори кои веќе одбраниле докторат, а имаат и еден нов докторант.