Започна изградбата на капиталниот проект кој е од големо стратешко и енергетско значење, новата 400/110 киловолтната трансформаторска станица, во близина на Охрид, што во пракса значи реализацијата и на 400 киловолтниот далекувод за поврзување на електропреносните системи на Северна Македонија и на Албанија.

Премиерот Зоран Заев во своето воведно обраќање на настанот во организација на МЕПСО, истакна дека со оваа инвестиција, во полна функција ќе биде ставен електроенергетскиот коридор исток-запад што значи транзит на струја од Бугарија, преку Северна Македонија и Албанија до Италија.

„Инвестицијата за овој капитален проект е од огромно регионално значење и изнесува  50 милиони евра. Станува збор за  најголемата инвестиција во преносната електроенергетска мрежа во земјава, која согласно предвидената динамика на работа се очекува да биде завршена во 2023 година. Изградбата на 400 киловолтниот интерконективен далекувод Битола  – Елбасан, значи и комплетирање на енергетскиот Коридорот 8, кој е составен сегмент од еден многу поголем и исклучително значаен проект што вклучува експлоатација на енергетските ресурси од кавкаскиот регион и од Централна Азија кон земјите од Западен Балкан и Италија. Република Северна Македонија има пет интерконекции на 400 киловолтно напонско ниво. Две врски со Грција и по една со Србија, Косово и Бугарија. Со поврзувањето на електропреносните системи на  Северна Македонија и Албанија, го заокружуваме процесот на поврзување на нашата земја со електропреносните системи на сите соседни земји. Нашата држава има клучна улога во регионалното енергетско поврзување и оттука оваа инвестиција е од огромно значење како за нас така и за целиот регион“, рече Заев.

Министерот за економија, Крешник Бектеши рече дека изградбата на интерконективниот далековод 400 кв помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија ќе придонесе во делот на поврзувањето и регионалното интегрирањето на енергетските пазари во регионот.

„Ќе ја подобри сигурноста во снабдување со електрична енергија и ќе биде новиот автопат за пренос на електрична енергија кој ќе овозможи пристап на сите економски оператори до енергенси и конкурентност на цени. Преку зголемување на регионалната соработка на полето на енергетиката, гледаме голема можност и потенцијал за креирање на одржлива и развојна економија. Реализација на  проекти кои што се за интерконекција на енергенсите со останатите земји се наш приоритет. Покрај изградбата на далноводите за енергетско поврзување значајни се и проектите за гасно поврзување  со земјите од регионот, што на крај бенефит ќе имаат сите граѓани со пониски и поконкурентни цени на енергенси“, рече Бектеши.